Нашата цел е Македонија постепено да стане препознатлива дестинација за меѓународни риболовни натпреварувања, како на акумулации така и на природни езера, што ќе придонесе и за развој на младинскиот спорт и на рекреативниот риболов, вели Филип Серафимовиќ, претседател на Риболовната федерација на Македонија
Македонија и Мавровското Езеро годинава се домаќини на Светското првенство во риболов на крап, едно од најзначајните натпреварувачки случувања во спортскиот риболов на глобално ниво. Ова првенство претставува историски момент за Македонија бидејќи никогаш досега не е организиран спортски настан на вакво ниво и од ваков обем, со учество на екипи од околу 30 држави од светот, меѓународни медиуми и светски риболовни организации.
- Одлуката Македонија да биде домаќин на Светското првенство во риболов на крап не е случајна, туку е резултат на долгогодишна системска работа на федерацијата, континуирано присуство на меѓународната сцена и активно учество на Македонската риболовна федерација во Светската риболовна конфедерација ЦИПС и Светската риболовна федерација за слатководни води ФИПСед. Во изминатите години нашите репрезентации редовно настапуваа на големи меѓународни натпреварувања, а паралелно со тоа вложувавме напори да ја претставиме Македонија како сериозен и доверлив организатор на спортски настани - вели Филип Серафимовиќ, претседател на Риболовната федерација на Македонија.
Ваквите настани претставуваат силна маркетинг-алатка за државата
Како федерација, пред неколку години аплицирале за добивање на организацијата на еден ваков настан, за во април 2025 на конгресот на ЦИПС, кој се одржа во Словенија, да им биде и официјално доделена организацијата на Светското првенство во риболов на крап.
- Клучен фактор беше и природниот потенцијал со кој располага државата, особено Мавровското Езеро. Благодарение на позитивните оцени од меѓународната комисија за увид во предложената натпреварувачка вода, како и нашата организациска подготвеност, Македонија ја доби довербата да биде домаќин на едно од најпрестижните натпреварувања во спортскиот риболов - вели Филип Серафимовиќ
Организацијата на светско првенство носи значително пошироки ефекти од самиот спорт. Пред сè, станува збор за настан кој ја позиционира Македонија на светската мапа за спортски риболов и риболовен туризам.
- Во текот на првенството во државата ќе престојуваат натпреварувачи, официјални делегации, судии, медиуми, технички тимови и посетители од голем број земји, што создава директен економски ефект за локалната економија преку сместување, угостителство, транспорт и туристички услуги. Но уште поважно е долгорочното влијание, односно меѓународната промоција на Македонија како дестинација со природни ресурси, чиста животна средина и можности за спорт и рекреација. Ваквите настани претставуваат силна маркетинг-алатка која ја зголемува препознатливоста на државата без класични рекламни кампањи - објаснува Филип.
Во периодот на одржување на првенството Маврово практично ќе стане центар на светскиот риболов на крап.
- Присуството на учесници од повеќе држави ќе донесе зголемена посетеност во релативно „мртов“ период за Маврово, исполнети сместувачки капацитети и значително економско оживување на регионот. А на самото Светско првенство му претходат повеќе натпревари на Мавровското Езеро, односно таму ќе биде одржана Државната крапска лига (мај – јуни), Балканско првенство во риболов на крап (јули), како и отворен светски куп како претходница – тренинг пред Светското првенство (август). Особено важен аспект е што спортскиот риболов спаѓа во категоријата на одржлив туризам. Риболовците не доаѓаат само за натпревар, туку ги запознаваат природата, културата и гастрономијата на регионот. Практиката од другите држави покажува дека голем дел од учесниците подоцна повторно се враќаат како туристи, што создава долгорочен туристички ефект. Со ова, дополнително ќе го афирмираме Маврово како дестинација за риболовен туризам и идни меѓународни настани - вели нашиот соговорник.
Во Маврово треба да се сместат повеќе од 800 натпреварувачи и членови на нивните екипи
Како што нѐ информира Филип, Мавровското Езеро е едно од ретките езера во Македонија што ги исполнува сите неопходни критериуми за организација на светско првенство. Станува збор за вода со соодветна површина, добра конфигурација на теренот, можност за рамноправни натпреварувачки услови за сите екипи, како и потребна инфраструктура во однос на сместувачки капацитети, со оглед на тоа дека во Маврово треба да се сместат повеќе од 800 натпреварувачи и членови на нивните екипи. Дополнително, локацијата нуди одлична пристапност, логистички услови и прекрасен природен амбиент во рамки на Националниот парк Маврово.
- Сакаме да нагласиме дека веќе е воспоставена институционална соработка со Општина Маврово и Ростуше и Националниот парк Маврово, со кои е потпишан меморандум за соработка. Тоа создава стабилна основа не само за ова првенство, туку и за идни меѓународни спортски активности во регионот. Светското првенство претставува голем развоен предизвик за домашниот спортски риболов. Организацијата бара високи стандарди во управувањето со водите, заштита на рибниот фонд, еколошка одговорност и професионална организација.
Тоа значи дополнителна едукација на нашите судии, тренери, волонтери и натпреварувачи, размена на искуства со најдобрите светски екипи и подигнување на целокупното ниво на крапскиот риболов во државата. Нашата цел е Македонија постепено да стане препознатлива дестинација за меѓународни риболовни натпреварувања, како на акумулации така и на природни езера, што ќе придонесе и за развој на младинскиот спорт и на рекреативниот риболов - вели Филип.
Според него, организацијата на светско првенство претставува сериозен организациски и логистички предизвик. Потребна е координација помеѓу голем број институции, локалната самоуправа, националниот парк, безбедносните служби, спонзорите, волонтерите и спортските работници – членови на федерацијата, кои ќе бидат задолжени за беспрекорна организација на првенството.
- Благодарение на одличната соработка со државните институциите и локалните власти, организацијата се одвива согласно планираната динамика, што покажува дека имаме капацитет да реализираме настани од светски ранг. Најголемиот предизвик е обезбедувањето соодветен рибен фонд, односно доволна количина на крап, со цел целосно да се исполнат високите меѓународни стандарди за организација на ваков тип натпреварување. Сепак, уверени сме дека преку координирана поддршка од институциите - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за спорт, Општина Маврово и Ростуше, Националниот парк Маврово, како и преку вклучување на општествено одговорни компании и спонзори - ќе се обезбедат потребните средства за планираното порибување на Мавровското Езеро. Со реализацијата на оваа активност не само што ќе се создадат оптимални услови за успешно одржување на Светското првенство, туку ќе се остави и трајна придобивка за рибниот фонд, екосистемот и развојот на спортскиот риболов во регионот - вели Серафимовиќ.
На Светското првенство се очекува учество на голем број национални репрезентации од Европа, САД и пошироко, меѓу кои традиционални сили во крапскиот риболов, како и земји кои бележат силен подем во оваа дисциплина. Вообичаено на вакви настани учествуваат повеќе од 30 нации.
- Настанот ќе се одржи од 1 до 6 септември, при што натпреварувачкиот дел трае континуирано 72 часа, согласно меѓународните правила за крапски риболов. Оваа дисциплина бара исклучителна издржливост, стратегија, тимска координација и високо ниво на спортска дисциплина. Освен натпреварувачкиот дел, предвидени се церемонии како свечено отворање и затворање на првенството, презентации, медиумски активности и промотивни настани кои дополнително ќе ја афирмираат Македонија. Нашите очекувања се првенството да помине во фер спортски дух, да остави силен впечаток кај меѓународната федерација и сите учесници, и да претставува почеток на нов циклус во развојот на спортскиот риболов и спортскиот туризам во Македонија - подвлекува претседателот Серафимовиќ.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.