Германските министри за труд и финансии Хубертус Хеил и Кристијан Линднер денеска презентираа реформски пакет кој има за цел да ги стабилизира пензиите и да го забави очекуваниот пораст на придонесите.
Тие го претставија својот нов нацрт-закон кој има за цел да гарантира ниво на пензија од најмалку 48 отсто од просечната плата. Нивото на пензија го означува процентот од тековната просечна плата што некој ја добива како пензија откако работел и придонел со просечна плата точно 45 години.
Доколку се намали нивото на пензиите, пензиите ќе пораснат помалку од платите, што создава пензионери кои се релативно сиромашни во споредба со работниците.
За финансирање на пензиите без нагло зголемување на придонесите, Линднер рече дека владата планира да инвестира милијарди на пазарот на капитал, при што приходите ќе се користат за надополнување на пензискиот фонд од средината на 2030-тите.
Ова ќе и даде на шемата за пензиско осигурување трет извор на финансирање покрај придонесите и субвенциите од федералниот буџет.
И Хејл и Линднер се надеваат дека нацрт-законот ќе биде одобрен од Парламентот пред летната пауза во јули.
Извор: МИА