X
 24.06.2021 Живот

Германија пак ќе прима македонски работници

Откако германската сојузна влада од 20 јуни ги укина ограничувањата за влез за лица резиденти во Македонија, сега повторно е можно да се обработуваат барањата за визи согласно чл. 26 став 2 од Регулативата за Западен Балкан, соопштија од германската амбасада во Скопје. За време на пандемијата поради ковид-19, влез со цел вработување согласно чл. 26 став 2 од Правилникот за вработување не беше можен поради ограничувањата за влез во ЕУ предизвикани од пандемијата.

-Од 1 јануари 2021 година во Германија влезе во сила последователнa регулатива на важечката таканаречена „Регулатива за Западен Балкан“. Со тоа, Сојузната влада, и по истекот на 2020 година за државјани од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, овозможи привилегиран пристап до германскиот пазар на трудот. Ова и понатаму важи за секој вид на вработување – независно од признатата квалификација - стои во соопштението.

Во него се додава дека услов за издавање виза останува согласноста од Сојузната агенција за вработување. Законски можни се до 25.000 согласности за една календарска година. Ова приближно одговара на бројката на издадени визи од оваа категорија во 2019 година.

-Последователната регулатива важи вклучително до 2023 година. Првите барања за виза можат да се поднесат само во надлежната германска Амбасада во една од споменатите шест држави. Тоа значи дека само баратели со вообичаен престој во една од овие држави имаат право да аплицираат. Сојузната агенција за вработување може, како и досега, да даде согласност само ако 24 месеци пред поднесувањето на барањето, барателите за виза не добивале паричен надоместок според Законот за парична помош за баратели на азил - истакнуваат од амбасадата.

Од амбасадата нагласуваат дека термини за аплицирање за виза, според новата регулатива, ќе се доделуваат за секој месец посебно, со што ќе се скрати времето на чекање. Сепак, оттаму потенцираат дека ако има голем интерес, може да се случи сите заинтересирани од еден месец да не добијат термин.

Добри вести има и за оние со квалификувано професионално или академско образование.

-Доколку располагате со квалификувано професионално или академско образование, може да поднесете барање за признавање на Вашата квалификација во Германија. За квалификувани стручни лица се укинати ограничувањата за патување. Освен тоа, во овие случаи речиси да нема ни време на чекање - се вели во соопштението.

Информации за постапката за поднесување на барање и за документите што треба да се поднесат можете да најдете на веб-страницата на амбасадата, каде може да ги најдете и условите за признавање на квалификациите.



Насловна фотографија: Unsplash

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот