X
 05.04.2024 Живот

Последиците од земјотресот во Тајван би можеле да се почувствуваат низ целиот свет

Ако планиравте да купите каков било електронски уред, направете го тоа сега бидејќи цените наскоро би можеле да бидат многу повисоки. Имено, земјотресот со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала што го погоди Тајван, неминовно ќе го погоди целиот свет. Односно, дел од светот што се потпира на чиповите произведени во Тајван.

Според извештаите на локалните медиуми, по земјотресот, најпознатата тајванска фабрика за чипови „Тајван семикондстро менифекчуринг“ и нејзиниот конкурент „Јунајтед микроелектроникс корп“ биле принудени да ги евакуираат своите фабрики, со што го прекинале производството. Ова веднаш предизвика загриженост кај нивните најголеми клиенти: „Епл“, „Нвидија“ и други.

Иако сѐ уште не се знае дали фабриките се оштетени, јасно е дека и краток прекин на производството ќе има далекосежни последици.

Од компанијата „Тајван семикондстро менифекчуринг“ соопштија дека сите нивни работници се безбедни, а оние што беа евакуирани полека се враќаат во фабриките. Иако првите проверки на фабриките не открија штета, од компанијата посочуваат дека одлучиле да го стопираат производството (барем на еден ден) додека не се проверат сите погодени капацитети.

„Тајван семикондстро менифекчуринг“ е една од компаниите што доминираат на глобалниот пазар на полуспроводници. Се проценува дека помеѓу 80 и 90 отсто од сите силиконски чипови што се вградуваат во паметните телефони и суперкомпјутери со вештачка интелигенција доаѓаат од овие фабрики во Тајван.

Дополнителен проблем е што некои компании најголемиот дел од своето производство го префрлиле од Кина во други азиски земји, вклучувајќи го и Тајван.

Проблемот со зависноста од азиските чипови најдобро се покажа во ковид-пандемијата, кога беа нарушени линиите за снабдување, но и кога беа затворени многу фабрики за да се ограничи ширењето на вирусот.

Иако земјите низ светот инвестираат сè повеќе пари во создавање сопствени извори на чипови и полуспроводници, ќе бидат потребни години за да се создадат алтернативни производствени линии и да се произведат количини што би можеле да ја задоволат побарувачката.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот