Континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од X-XI век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови, а повеќе од седум децении е признат член на светското јазично семејство, на чие истражување работат не само македонските, туку и голем број познати странски научници
На денешен ден, 5 Мај, го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, денот кога во 1945 г. со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни истата година, е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески - Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик, како и со ангажманот и делото на македонскиот деец во стандардизацијата на македонскиот литературен јазик и особено во развојот на граматичарското дело, кој е автор на првата Македонска граматика - Круме Кепески.
Од тој момент, македонската азбука и правопис почнуваат да се користат во практиката во сите сфери на животот, а тестот на писмената практика – македонскиот јазик го положува со највисока оцена. Доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик со македонска азбука и правопис: и тоа од уметничка литература до врвни научни дела, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и медиумите. Повеќе од седум децении македонскиот јазик е признат член на светското јазично семејство, на чие истражување работат не само македонските, туку и голем број познати странски научници.
Македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет. Круната на неговата кодификација е 5 мај 1945 г., денот што денес го прославуваме. Иако првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944 г., на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од X-XI век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови. Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 година.
Оваа година, одбележувањето има посебно значење зашто по 30 години можеме да објавиме дека двете македонистички катедри на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ги допрецизираа и ги сменија своите називи: Катедра за македонски јазик и Катедра за македонски јазик и култура. Воедно се обврзуваме и понатаму да го чуваме, негуваме, да го афирмираме македонскиот јазик и да го развиваме како најважен столб на нашиот идентитет и најскапоцено наследство за идните генерации, соопшти Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.