Прашањето што точно предизвикува депресија нема едноставен одговор бидејќи депресијата е комплексно и длабоко лично искуство. Додека речиси секој човек искусува периоди на тага, лошо расположение или жалење, депресијата е поинаква. Депресијата е постојана, пречи во секојдневниот живот и може да влијае врз работата, односите и општиот живот. Најновите истражувања покажуваат дека многу луѓе што страдаат од депресија, всушност, не ја препознаваат својата состојба бидејќи нивните симптоми не се вклопуваат во класичната слика на длабока тага.
Многу фактори ја предизвикуваат депресијата
Истражување објавено во февруари 2026 година истакнува дека депресијата често се манифестира преку суптилни физички и когнитивни промени, кои пациентите, па дури и лекарите, често ги припишуваат на стрес, умор или стареење. Научниците предупредуваат дека фокусирањето исклучиво на емоционалниот аспект на тагата може да доведе до пропуштање навремена дијагноза.
Во текот на животот едно од пет лица ќе развие депресија. Жените имаат двојно поголема веројатност од мажите да развијат депресија. Според експертите, многу различни фактори влијаат врз појавата: хемија на мозокот, гени, хормони, стрес, начин на живот и карактерни особини. Како дејствуваат овие фактори, се разликува од личност до личност.
Мозочен „хемиски дисбаланс“
Традиционалната „монoаминска хипотеза“ за депресијата, предложена во 50-тите години на 20 век, укажува дека основната причина е недостигот на одредени мозочни хемикалии (невротрансмитери).
Врз основа на тоа, развиени се антидепресиви кои го зголемуваат нивото на овие хемикалии. Сепак, подоцна станало јасно дека објаснувањето со „хемиски дисбаланс“ е преголемо поедноставување. Истражувањата покажале дека луѓето со депресија не мора секогаш да имаат ниски нивоа на серотонин или на кој било невротрансмитер.
Иако антидепресивите можат да го зголемат серотонинот за неколку часа, подобрување на расположението обично се случува по неколку дена или недели. Ова покажува дека депресијата не може да се објасни само со нивото на невротрансмитерите. Денес, депресијата се разбира како сложено нарушување врз кое влијаат многу меѓусебно поврзани фактори: генетика, траума, лекови, исхрана, сон и социјални интеракции.
Генетски фактори
Според истражувања од 2021 година, 30-50 отсто од ризикот од развој на депресија може да биде наследен. Досега не е пронајден „ген за депресија“, но големи истражувања идентификувале повеќе од 100 генетски маркери на хромозомите. Генетскиот ризик е „полигенски“, што значи дека повеќе генетски варијанти (секоја со мал ефект) заедно ја зголемуваат склоноста кон депресија.
Иако генетскиот ризик е значаен, тоа не значи дека некој автоматски ќе развие депресија, клучна е сложената интеракција меѓу генетските и негентетските фактори.
Хормони и биолошки пол
И хормоните влијаат врз расположението. Кај жените, нивото на естроген и прогестерон варира со циклусот, бременоста, постпородилниот период и менопаузата. Некои жени се почувствителни на овие нормални хормонски промени и поранливи на нарушувања на расположението.
На пример, околу 8 отсто од жените во предменструалната фаза доживуваат силна депресија со промени на расположението и раздразливост. Слично, хормонските промени за време на бременост или по породување можат да доведат до постпородилна депресија. Во менопауза паѓањето на естрогенот се поврзува со зголемен ризик од депресивни симптоми.
Хормоналните контрацептиви, кои содржат синтетички форми на естроген и прогестерон, исто така можат да влијаат врз расположението. Овие фактори помагаат да се објасни зошто жените се статистички подложни на депресија во одредени фази од животот.
Стрес
Хроничниот стрес може да има трајни ефекти врз мозокот и телото. Кога стресот е постојан или претерано голем, овој систем може да се наруши. Трауматски искуства во детството, како занемарување или злоупотреба, можат дополнително да го нарушат системот за стрес. Резултат е прекумерна продукција на кортизол, што може да ги промени структурата и функцијата на делови од мозокот кои се важни за регулирање на расположението и меморијата.
И кортизолот може да предизвика ослободување на воспалителни хемикалии кои влијаат врз мозокот и невронските сигнали, доведувајќи до промени на расположението и симптоми на депресија. Сепак, не сите што доживеале стресни настани развиваат депресија.
Личност и начин на живот
Личните карактеристики влијаат врз тоа како луѓето реагираат на стрес. Склоноста кон анксиозност, тага и сомневање во себе го зголемува ризикот од депресија, особено по стресни настани. Наспроти тоа, отпорноста, оптимизмот и емоционалната стабилност имаат заштитна функција.
Здравите навики, како непушење, умерена консумација на алкохол, балансирана исхрана, физичка активност, доволно сон, одржување здрава телесна тежина и социјална поддршка, имаат заштитен ефект врз менталното здравје и можат да го намалат влијанието на генетските ризици за депресија.
Извор:
Telegraf.rs
Фото: Freepik