Затворањето на меѓународниот аеродром во Дубаи, по иранските напади со дронови и проектили, предизвика паника меѓу странските државјани и туристите, особено меѓу побогатите кои се обидуваат што побрзо да ги напуштат ОАЕ.
Додека илјадници патници останаа блокирани во хотели и на крстосувачи, цените на приватните летови нагло пораснаа.
Според медиумите, нападите беа одговор на американско-израелските удари врз Иран. Проектили и беспилотни летала погодија подрачје во близина на аеродромот во Дубаи, но и хотели и знаменитости.
Градот, кој со години важеше за сигурно засолниште на луксузот, милијардерите и инфлуенсерите, преку ноќ се најде во атмосфера на напнатост и неизвесност.
Властите на ОAE соопштија дека противвоздушната одбрана и понатаму пресретнува проектили и дронови, додека амбасадата во Техеран е затворена поради влошената безбедносна состојба.
Бегство кон Оман и Саудиска Арабија
Дел од странците одлучиле да го напуштат Дубаи по копнен пат. До границата со Оман со автомобил се патува околу четири и пол часа, а аеродромот во Мускат сè уште функционира, иако со доцнења. Сепак, комерцијалните летови кон Европа во најголем дел се распродадени до крајот на неделата.
Во меѓувреме, цените на приватните летови од Мускат повеќекратно пораснале. Брокерската компанија „Џетвип“ навела дека лет со помал авион од типот „некстант“ до Истанбул сега чини околу 85.000 евра, што е приближно трипати повеќе од вообичаената цена. Седишта на приватни чартер-летови кон Москва се продаваат по цена од околу 20.000 евра за лице.
Претставник на австриската компанија „Албаџет“ изјавил дека достапноста на авиони е исклучително ограничена, додека цените на летовите кон Европа достигнуваат и до 90.000 евра. Многу оператори, како што наведуваат, избегнуваат летови поради ограничувања од осигурувањето и безбедносни процени.
Некои патници се обидуваат со алтернатива преку Саудиска Арабија. Возењето до Ријад трае околу десет часа, а тамошниот аеродром засега работи без целосен прекин. Приватни безбедносни компании ангажираат флоти СУВ-возила за да ги пренесат клиентите до Ријад, каде што им организираат понатамошни приватни летови. Директорот на брокерската куќа „Вимана прајвет џетс“, Амир Наран, изјавил дека цените на летовите од Ријад кон Европа достигнуваат и до 350.000 долари.
Блокирани туристи
За мнозинството посетители, опцијата за заминување практично не постои. Туристичките власти во Дубаи им наредиле на хотелите да не ги исфрлаат гостите кои поради откажани летови не можат да ја напуштат земјата, туку да им го продолжат престојот под истите услови како во првичните резервации.
Сепак, на социјалните мрежи се појавија поплаки од поединечни руски туристи кои тврдат дека им било кажано дека мора дополнително да платат за сместување или да го напуштат хотелот.
Проблемите не ги одминаа ни крстосувачите. Илјадници туристи останаа на бродови закотвени по должината на брегот на Персискиот Залив, додека регионалните пристаништа се соочуваат со последиците од нападите. Најмалку шест големи крстосувачи, секој со по неколку илјади патници, се наоѓаат во или во близина на пристаништа, а на патниците во некои случаи им било советувано да останат во кабините.
Патници од бродот „Мејн шиф 4“ фотографирале густ чад над пристаништето Зајед во Абу Даби по силните експлозии.
Слична е ситуацијата и на крстосувачот „Ем-ес-си Еурибија“, кој останал во Дубаи. На патниците им се продолжени картичките за кабините до 6 март, со назнаки дека задржувањето би можело да потрае.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik