X
 27.02.2026 Здравје

Шест вида рак се шират побрзо кај помладите од 50 години отколку кај постарите лица

Шест вида рак се шират побрзо кај помладите лица во најмалку пет земји, покажува нова студија за глобалната инциденција на рак. Додека, пак, два вида - рак на дебелото црево и на матката - стануваат и почести и посмртоносни кај младите луѓе. 

Голема студија анализирала податоци од две големи бази на податоци за рак за подобро да се разбере неодамнешниот пораст на случаи кај луѓето под 50 години, тренд што е во спротивност со традиционалното разбирање на болеста.

13 вида рак се во пораст кај луѓето под 50 години во најмалку 10 земји


Иако сè уште се релативно ретки кај лицата на средна возраст и помладите, зголемената инциденција на неколку видови рак кај групата под 50 години предизвика загриженост кај експертите. Студија спроведена на оваа тема прикажува вознемирувачка слика што варира глобално во зависност од видот на ракот и полот. Студијата ги испитала случаите што биле регистрирани помеѓу 2000 и 2017 година и открила дека 13 вида рак се во пораст кај луѓе под 50 години во најмалку 10 земји, а шест вида рак - колоректален рак, рак на грлото на матката, рак на панкреасот, рак на простатата, рак на бубрезите и мултипен миелом - се развиваат побрзо кај помладите отколку кај постарите лица во најмалку пет земји.

Авторите на студијата проценуваат дека до 2030 година инциденцијата на колоректален рак кај лицата на возраст од 20 до 34 години ќе се зголеми за 90 проценти, а за 46 проценти кај лицата на возраст од 35 до 49 години.


Со скрининг треба да се бориме против шесте вида рак

Некои земји веќе презеле такви чекори. На пример, во САД упатствата за скрининг се префрлени кон помладата популација. Во 2021 година работната група за превентивни услуги на САД ја намали препорачаната возраст за започнување со скрининг за колоректален карцином од 50 на 45 години. Слично, во 2024 година ја намали препорачаната возраст за започнување со скрининг за карцином на дојка од 50 на 40 години.

Истражувачите од САД, Јапонија и Јужна Кореја пронашле докази за веќе подобрени процедури за скрининг за некои видови карцином, што авторите велат дека може да биде еден фактор во зголемената стапка на инциденција. За тие карциноми, вклучувајќи ги карциномите на тироидната жлезда, простатата и немеланомските карциноми на кожата, немало зголемување на смртноста и покрај зголемувањето на инциденцијата, што можеби укажува дека подобрениот скрининг открива повеќе случаи доволно рано за да се лекуваат.

Причина за зголемувањето на карциномите на млада возраст


Зголемувањето на случаите на рак кај младите лица е силно поврзано со зголемувањето на стапките на дебелина, велат авторите, и е во најголем пораст во богатите земји.

- Многу студии укажуваат дека инциденцијата на рак се зголемува во многу делови од светот. Но, тоа не значи дека бројката се зголемува слично насекаде. Затоа треба да знаеме повеќе за тоа што се случува сега, кои се ризик-факторите и како да се спречат овие видови рак - заклучил авторот на студијата, Томотака Угаи.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје