Тоа е забавна вежба која го тренира мозокот, но и ве мотивира да излезете од комфор-зоната, вели д-р Кристен Вилеумиер, невронаучник и авторка на книгата „Биохакирајте го вашиот мозок“, која редовно практикува пишување со нејзината недоминантна рака.
- Откако ќе почнете да пишувате со вашата недоминантна рака, ќе почнете и да пиете со неа, да ги четкате забите и слично. Овие мали промени можеби не изгледаат како голема работа, но тоа е начинот на кој вашиот мозок создава нови врски. Сакам тоа да го наречам и „истегнување на невроните“ – додава таа и истакнува дека тоа е одлична вежба за подобрување на функциите на мозокот.
Има и некои истражувања што ги докажале придобивките од учењето да пишувате со вашата недоминантна рака. За време на едно од нив учесници кои биле деснаци имале задача да цртаат со левата рака. По помалку од 200 минути цртање тие го направиле тоа значително подобро отколку на почетокот, со што ја покажале способноста на мозокот да зајакне нови врски со телото.
Исто така, секое учење нови вештини може да го подобри капацитетот на меморијата за време на староста. Познато е дека мозокот е многу „пластичен“, односно може постојано да формира нови врски меѓу мозочните клетки. Всушност, вака учиме нови вештини, на пример, колку повеќе вежбаме свирење на гитара, толку посилна станува мрежата во мозокот одговорна за музичката вештина.
Колку е чудесен овој орган покажала студијата, објавена пред неколку години, на луѓе на кои им бил отстранет половина мозок во детството. Но, и покрај ова, тие можат доста добро да функционираат бидејќи преостанатиот дел се зајакнал, објасниле авторите на студијата, истражувачи од Калифорнискиот технолошки институт. Тие го анализирале мозокот на шест возрасни лица во нивните 20-ти и 30-ти години. На сите им биле извршени хемисферектомии на возраст од три месеци до 11 години за да ги намалат епилептичните напади. Дополнително, во истражувањето вклучиле шест лица кои не подлегнале на таква процедура, односно двете половини од мозокот им работеле нормално - ова е контролната група за споредување на резултатите.
Сите учесници биле подложени на функционална магнетна резонанса, техника која ја мери мозочната активност преку следење на протокот на крв, а истражувачите посветиле посебно внимание на мозочните мрежи кои се вклучени во секојдневните животни функции, како што се видот, движењето, емоциите и сознанието.
Тие потоа ги споредиле овие скенови на мозокот со 1.500 слики од мозокот објавени во базата на податоци „Брејн геномикс суперструктур проџект“. Тие откриле дека кај пациентите што имаат само една мозочна хемисфера, мозочните региони се вклучени во истата мрежа на заедничко дејствување (како што е видот), како кај луѓето чии мозоци се недопрени.
Покрај тоа, истражувачите откриле дека поврзувањето, а со тоа и комуникацијата, помеѓу делови од различни мрежи е посилно кај поединци на кои им е отстранета половина од мозокот.
- Кога ги ставив под скенер, малку поразговаравме, а речиси можеш да заборавиш каква е нивната состојба кога ќе ги сретнеш првпат - вели водачот и автор на студијата Дорит Климан, додавајќи дека тоа покажува оти овој орган е во состојба да ја компензира загубата на мозочната структура.
- Седнав пред компјутерот и ги гледав снимките со магнетна резонанса на кои се гледа само половина од мозокот и се изненадив што тоа се слики од истото човечко суштество кое штотуку го видов како зборува, оди и кое реши да одвои време за ова истражување - рекла таа.
Таа вели дека со нивното истражување сакаат да разберат како се реорганизира мозокот по повреда или мозочен удар и како некои негови региони можат да ги компензираат оние што се оштетени или изгубени. Во медицинската литература има многу други случаи кои ја документираат неверојатната способност на мозокот да се приспособи на неочекувани ситуации.
На пример, на еден млад човек му била отстранета третина од десната половина од мозокот, вклучувајќи го и делот од мозокот одговорен за видот. Неколку години по операцијата невронаучниците откриле дека левата страна на неговиот мозок почнала да ги презема визуелните задачи, а тој сè уште добро гледа.
Извор: 24sata.hr
Фото: Freepik