Според студија на организацијата „Working Families“, само еден од тројца родители си заминува навреме од работа. Неколкумина за „Гардијан“ објаснуваат зошто работат до доцна и како нивното отсуство влијае врз семејството. Ви пренесуваме дел од нив:
Тина, 38 години, аналитичар, Франција
„Можам да работам и од дома, но така би ги изгубила социјалните и професионалните контакти, па и можностите што се нудат и чувството дека сте дел од тим. На моите деца би им се допаднало да ги земам од училиште. Кога ќе го направам тоа, тие се пресреќни. Кога би доаѓала дома порано, би можела да поминувам повеќе време со нив. И јас и сопругот имаме добри работи и сме релативно добро платени, но на малите деца не им треба да заработувате многу пари, потребно им е да поминувате време со нив“.
Том, 40 години, финансиски аналитичар, Холандија
„Чувствувам притисок дека треба да го издржувам семејството, да плаќам сметки, да купувам храна, да платам школарина. Работам околу 50 часа неделно. Тоа често им паѓа тешко на моите деца. Сопругата често е под стрес бидејќи нема доволна поддршка од мене, а мене ми е преку глава да останувам прекувремено на работа. Кога не сум на работа, се обидувам да бидам достапен и присутен, да поминуваме квалитетно време заедно. Но јас сум личност на која и е потребно време за себе, па постигнувањето разумен баланс како повеќе да не е возможно“.
Овен, 41 година, менаџер, Вашингтон, САД
„За да постигнам подобри резултати, многу често останувам подоцна на работа. Порано ја носев работата дома, но како што стареам, така тоа потешко ми оди. Мислам дека тоа што доаѓам дома доцна лошо влијае врз моите деца. Оценките во училиште им се намалени и ја губат концентрацијата. Можеби јас не сум главната причина за тоа, но така се чувствувам. И на мојата сопруга не и лесно бидејќи поголемиот дел од времето сама се грижи за нив. Да поминував повеќе време со семејството, мислам дека тие ќе беа посреќни.
Стеф, 38 години, пи-ар менаџер, Шкотска
Си ја сакам работата и затоа често останувам подоцна. Подоцна и се соочувам со хаосот оставен од децата и борбата за одење во кревет. Најверојатно не си играм доволно со своите деца, тоа повеќе го прави мојот сопруг. Но јас сум слободна во петок, па тогаш се обидувам да надоместам. Да одев дома порано секоја вечер, децата ќе имаа ред во спиењето. Многу сум строга по тоа прашање“.
Катрина, 55, наставник, Англија
Како наставник, многу е тешко да се заврши работата во регуларното осумчасовно работно време. Како самохрана мајка, мојата ќерка поминуваше многу време сама дома, а попладне доаѓаше во училиштето и ме гледаше како работам. Бев преморена и постојано под стрес. Ќерка ми ја мразеше мојата кариера, па и двете завршивме на антидепресиви. Мојата ќерка се чувствуваше заборавена. Иронијата на мојата професија е што поминував повеќе време со туѓите деца отколку со моето“.
Прочитајте ги сите искуства на овој
линк.