Купувачите што доаѓаат кај камиончето за сладолед на Џо Ники сè почесто имаат едно исто барање: дај ни сладолед бесплатно.
Продавачот на сладолед од Лос Анџелес почнал да добива барања од самопрогласени инстаграм-инфлуенсери кои ветувале дека ќе споделат фотографија од сладоледот на Ники ако не платат. Ники секогаш велел не, но сега тој најде и невообичаен начин да профитира од инфлуенсерите - им кажа да си одат.
Тој стана познат откако постави знак на кој беше наведено дека инфлуенсерите плаќаат дупло и откако на „Инстаграм“ напиша дека никогаш нема да даде бесплатен сладолед во замена за пост. Фотографијата брзо почна да се споделува и сега Ники вели дека неговиот бизнис цвета, привлекувајќи фанови од Јужна Калифорнија, кои го делат неговиот презир кон инфлуенсерите.
- Ние сме антиинфлуенсерските инфлуенсери. Чудно е, но мислам дека е забавно. Се надевам дека ќе ги инспирира малите бизниси да си бидат свои и да им кажат на луѓето да се гонат - истакна тој.
Некои брендови и бизниси се потпираат на инстаграм-ѕвезди за да ги рекламираат нивните производи и услуги, давајќи им бесплатни оброци и престој во хотели на луѓе што споделуваат позитивни реакции за искуството. Толку многу е во тренд да се биде инфлуенсер, што некои луѓе се преправаат дека нивната содржина е спонзорирана, а не е.
Ники ја разбира важноста на промоцијата, но додава дека бизнисот му е за правење пари и дека не може бесплатно да дава сладоледи. Истакнува дека за првото камионче тој си платил од парите што ги добил за улога во реклама.
Сладоледите и неговото камионче се многу фотогенични, па тоа не им избегало на инфлуенсерите. Во текот на првата година тој добил малку понуди од инфлуенсери, обично луѓе што му пишувале електронска пошта и му нуделе промотивни договори во замена за бесплатен сладолед.
- Обожаваат да го користат зборот „изложување“. Многу е смешно - вели тој.
Но барањата станале сè почести и станувало сè понепријатно бидејќи почнале да се појавуваат и во живо.
- Најболното нешто за мене е кога ќе ми пријдат до камиончето - вели Ники.
Тој вели дека тие не би ни прашувале ако други луѓе не се согласувале со нивните понуди.
Ники раскажува и дека асистент на позната актерка - жена на телевизиско шоу, која тој не сака да ја именува - неодамна прашал дали би сакал да донира сладолед за тимот. Во замена, актерката била расположена да се фотографира во камиончето.
- Колку и да сакам да го направам тоа, мислам дека училиштето на моето дете не прифаќа фотографии од познати лица како форма на плаќање на школарината - одговорил сладоледџијата.
На крајот тој толку се изморил од инфлуенсерите, што си го ставил антиинфлуенсерскиот знак на камиончето, јасно посочувајќи дека оние што ќе побараат бесплатен сладолед ќе треба да платат 8 наместо 4 долари. Еден муштерија го сликал и го поставил на „Редит“, па потоа тоа стана хит.
Оттогаш Ники добил понуди за интервјуа и бројот на муштерии се дуплирал преку ноќ, па заработил и илјадници нови следбеници на „Инстаграм“.
Иако Ники сака да го промовира бизнисот на социјалните мрежи, тој вели дека не сака да зависи од платформата.
- Ако „Инстаграм“ утре го снема, нашиот камион пак ќе
преживее - вели тој.
Фото: Instagram