Иако може да се најдат евтини авионски билети за да се отиде до Лондон, британската метропола е прилично скапа. Просечната цена за хотелско ноќевање во Лондон е 224 евра, но тука влегуваат и најексклузивните хотели во градот. Поповолните сместувања, кои вклучуваат хостели и приватни куќи, во просек наплаќаат 33 евра за сместување во повеќекреветна соба. Картата за јавен превоз во една насока чини нешто помалку од три евра.
Оброк во средно скап ресторан за две лица чини 78 евра, пиво во паб чини од 6 до 7 евра, а просечната цена на капучиното е 3,8 евра.
Добра вест за оние што планираат да го посетат овој град е што голем број атракции се бесплатни.
Некои од најдобрите светски музеи
Едно од најдобрите нешта во Лондон е живата културна сцена, а влезот во голем број музеи секогаш е бесплатен.
Британскиот музеј има 8 милиони предмети, од кои во секој момент се изложени 80.000. Искусните велат дека најдобро време од денот за посета на Националната галерија, каде што се чува импресивна уметничка збирка, е рано наутро или во петок навечер, кога има најмалку посетители. Оние што ја сакаат модерната уметност не смеат да ја пропуштат националната галерија на модерна уметност „Тејт модерн“. Посетите на сите овие музеи, но и Лондонскиот музеј, музеите на науката, морепловството, војната и природата се бесплатни, само проверете на нивните страници дали треба однапред да си резервирате влез поради некои посебни изложби.
Паркови
Хајд парк е најголемиот и најпознатиот во градот. Се простира на 142 хектари, а вештачкото езеро Серпентин го дели на два дела. Покрај тоа, тука се и другите зелени површини каде што можете да уживате, а во некои има и споменици на историски великани.
Шарени пазари
Шетањето по градските пазари е најдобриот начин да се впие секојдневниот живот на жителите, а ако успеете да им одолеете на желбите да купите нешто, и оваа активност е бесплатна. Еден од најпознатите пазари со храна, Бороу маркет, е преполн со овошје и зеленчук од цела Англија и е омилен меѓу туристите.
Извор:
B92