X
 05.09.2018 Технологија

Од Шангај до Лос Анџелес за 5 часа?

Од Шангај до Лос Анџелес за 5 часа, од Токио до Сан Франциско за 5,5 часа, од Сиднеј до Лос Анџелес за 6,75 часа: следниот бран на суперсоничен лет може да го направи патувањето помеѓу дестинациите во САД и во Азија многу кратко.

Во последниве години новите аеронаутични стартап-компании предизвикаа нов интерес за суперсонично патување. Помеѓу главните играчи, „Бум технолоџи“ привлече 85 милиони долари од инвеститори и стратешки партнери како „Вирџин Атлантик ервејс“.

1
Фото: Nathan Leach-Proffer/Boom Technology


Поддршката за компанијата од Денвер се прошири и во Азија. Во декември „Џапан ерлајнс“ наводно инвестирала 10 милиони долари за нарачка на 20 до 55 авиони, кои треба да ги добие во 2023 година. Оваа пролет „Си-трип“, најголемиот провајдер на услуги за патувања во Азија, со 300 милиони регистрирани корисници, стана првиот стратешки партнер на „Бум“ од Кина.

- Кина ветува дека ќе биде еден од најголемите пазари за суперсоничен воздушен сообраќај. Кинезите сега се повеќе заинтересирани да трошат пари на искуства. Патувањето за нив стана важен облик на барање среќа - вели Виктор Ценг, главен комерцијален офицер на „Си-трип“.

2
3
Фото: Nathan Leach-Proffer/Boom Technology

Првата фаза на планот на „Бум“ би можела да почне наредната година. Компанијата јавно објави планови за летање на својот „XB-1“, демонстрационен авион со две седишта. Ако тоа помине добро, компанијата ќе почне со својата главна мисија: да изгради флота од суперсонични комерцијални авиони што ќе летаат со двојно поголема брзина на звукот.

„Преведено“ во времетраење на патување, типичен 12-часовен лет од Шангај до Лос Анџелес може да се намали на 5 до 6 часа.

- Кинеските туристи направиле 130 милиони патувања во 2017 година. Идниот раст во оваа област е многу ветувачки. Земјите од Азиско-пацифичкиот регион се најпопуларните дестинации меѓу кинеските туристи што доаѓаат надвор од земјата. Една од главните причини е пократкото растојание и времето на патување - вели Ценг.

4

5
Фото: Nathan Leach-Proffer/Boom Technology

Како „Конкорд“ и „Ту-144“ на „Туполев“, „Бум“ планира да лета побрзо од брзината на звукот. Но, постојат неколку клучни разлики. За почеток, „Бум“ планира да има само 55 седишта - во споредба со 92 до 128 патници на „Конкорд“. Дури и со помалку места, цените ќе бидат пониски. Во споредба со цената на билетите на „Конкорд“, кои изнесуваат 11.000 до 13.000 долари, за лет од Њујорк до Лондон билетот на „Бум“ ќе чини околу 5.000 долари за истата рута.

Во моментов, суперсоничното патување е забрането во САД поради звукот што го произведува. За да се ублажи громогласната бучава, планираниот дизајн на авионот ќе има долг нос како Пинокио, и екстра-широки крилја.

7

8
Фото: Nathan Leach-Proffer/Boom Technology

- Тестиравме околу 1.000 варијации во дизајнот. Повеќето од нив не се многу добри, но имаше и такви што беа добри. Со вистинскиот дизајн, компанијата очекува леталото да биде најмалку 30 пати потивко од „конкорд“ - вели Блек Шол, основач на „Бум технолоџи“.

Сепак, експертите се скептични.

- Има многу прашања што треба да се одговорат за економската одржливост на проектот. Но, се восхитувам на нивното претприемаштво - велат некои експерти.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија