„Убер“ се подигнува на небото над Њујорк така што од следната недела на корисниците со подлабок џеб ќе им овозможи со хеликоптер да одат до аеродромот „Џон Ф. Кенеди“.
Компанијата ја претстави својата услуга наречена „Убер коптер“ и најави дека летовите од Менхетн ќе бидат достапни за сите корисници од 7 ноември.
Летот што трае околу 8 минути ќе чини помеѓу 200 и 225 долари за лице и ќе вклучува и превоз на земја. Патниците ќе можат да понесат помал куфер, а во пресрет на полетувањето ќе погледнат снимка со упатства за безбедноста, слични на оние на летовите со авион.
Аеродромот „Џон Ф. Кенеди“ е еден од најголемите во САД и со метежот во сообраќајот во Менхетн патувањето до него е обично два часа, додека со јавен превоз се стигнува за 50 до 75 минути.
„Убер“ се надева дека овој проект ќе го отвори патот за „Убер ејр“, футуристичка такси-служба што патниците ќе ги превезува во електрични авиони со вертикално полетување и слетување.
Компанијата во 2023 година планира да воведе воздушни услуги во Лос Анџелес, Далас и Мелбурн.