X
 05.10.2019 Наука

Зошто Инките го изградиле Мачу Пикчу на толку непристапно место?

Едно од најголемите архитектонски достигнувања, светиот град на Инките - Мачу Пикчу бил изграден во оддалечено подрачје на Андите, на тесен гребен, високо над прекрасниот кањон. Научниците сега имаат одговор зошто Инките своето ремек-дело го изградиле на толку непристапно место.

На годишниот собир на геолози во американскиот град Феникс, Руалдо Менегат, геолог од бразилскиот Федерален универзитет во Рио Гранде до Сулу, ги претставил резултатите од деталната гео-археолошка анализа што укажува дека Инките намерно го изградиле Мачу Пикчу на крос-тектонски линии.

Со помош на комбинација на сателитски снимки и мерења на теренот, Менегат ја открил густата мрежа на наизменични раседи под светското наследство на УНЕСКО.

Неговата анализа покажува дека пукнатините се разликуваат во формата - од ситни, што се видливи на некои камења, до големи, 175 километри долги процепи, врзани за цели речни долини.

macu
Фото: Shutterstock


Бидејќи некои од овие пукнатини имаат правец североисток-југозапад, а други северозапад-југоисток, тие заедно прават форма на буквата „Н“ и се пресекуваат под древниот град.

Нацртите на Менегат укажуваат дека урбаните делови, околните обработливи површини, како и некои згради и скали се усогласени со раседните линии. Тој наведува дека и другите градови на Инките се сместени на пресекот на ваквите премини.

Тој смета дека тектонските движења во оваа област создале вакви пресеци и лесно кршливи камени блокови, што ја намалило потребата за нивна обработка и сечење и ја олеснило изградбата.

- Би било невозможно да се изгради ваков град високо во планините ако не бил достапен градежен материјал - изјави тој.

- Тектонските пукнатини од таа област го насочувале дождот директно на одредено место - објаснува геологот.

Исто така, градењето на толку висока точка значело еден вид изолација и заштита од лавина и лизгање на земјиштето, што се вообичаени во тоа опкружување.

Пресеците и пукнатините под Мачу Пикчу исто така помогнале местото да се исуши по интензивните дождови. Се проценува дека околу две третини од времето при изградбата на градот биле посветени за изградба на подземни канализации.

- Веќе постојните пукнатини помогнаа во овој процес и за зачувувањето на овој систем. Мачу Пикчу јасно ни покажува дека цивилизацијата на Инките била царство на „скршени карпи“ - наведува Менегат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука