X
 15.02.2023 Наука

Доколку постојат, вонземјаните можеби ги користат црните дупки како квантни компјутери

Ако има живот во универзумот и понапредни цивилизации од нашата, тие можеби користат црни дупки како квантни компјутери. Така барем тврдат Гиа Двали, теоретски физичар од Институтот за физика „Макс Планк“, и Заза Османов, истражувач во Грузиската национална астрофизичка опсерваторија и Институтот СЕТИ.

Уште од проектот „Озма“, спроведен во 1960 година од познатиот астрофизичар Френк Дрејк, истражувачите го пребарувале небото со радиотелескопи барајќи „технолошки потпис“, слушајќи радиобранови што се шират низ меѓуѕвездениот простор. Се разбира, „спектарот“ на овие потписи би можел да биде многу поширок: инфрацрвена или оптичка емисија од мегаструктури изградени околу пулсарите, белите џуџиња и црните дупки.

Во последниве години, астрономите и астрофизичарите препорачуваат проширување на потрагата за да се бараат други методи, како што е испраќање пораки до вонземна интелигенција (МЕТИ). Тие вклучуваат насочена енергија (ласери), емисии на неутрино, квантна комуникација и гравитациски бранови.

Доказ за квантно пресметување


Двали и Османов предлагаат да се бара нешто сосема поинакво: докази за квантно пресметување од големи размери. Со оглед на брзината со која напредува квантното пресметување денес, сосема е логично да се претпостави дека напредна цивилизација би можела да ја приспособи оваа технологија во многу поголема мера.

- Без разлика колку е развиена цивилизацијата, нè обединуваат законите на квантната физика и гравитацијата. Овие закони ни кажуваат дека најефикасните контејнери со квантни информации се црните дупки - објаснуваат астрофизичарите. Иако нивните неодамнешни студии покажуваат дека теоретски би можеле да постојат „сатурони“ , уреди создадени од негравитациони интеракции, за двајцата, црните дупки се очигледни фаворити.

Ефикасни кондензатори


Идејата се заснова на работата на нобеловецот Роџер Пенроуз, кој предложил дека од црната дупка може да се извлече неограничена енергија со допирање на ергосферата. Овој простор се наоѓа надвор од хоризонтот на настани, каде што материјата што паѓа формира диск што се забрзува речиси до брзината на светлината и испушта огромно количество зрачење.

Користејќи ги принципите на квантната механика, Двали и Османов објаснуваат дека црните дупки би биле најефикасните кондензатори за квантните информации. Веројатно би биле вештачки по природа и со микроголемини и би биле поенергични од оние што се појавуваат во природата.

- Црните дупки зрачат со многу поголем интензитет и со поголем енергетски спектар од Хокинговото зрачење и мора да бидат произведени со судир на високоенергетски честички во акцелераторите - објаснуваат истражувачите, кои веруваат дека барајќи живот во вселената, слушаме само тишина затоа што бараме погрешни технопотписи.

На крајот на краиштата, велат тие, доколку животот пристигне на Земјата од вселената, очигледно е дека некој напреден живот во вселената одамна би ги надминал радиокомуникацијата и дигиталните пресметки.

Извор: Bug.hr
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука