X
 16.03.2021 Наука

Зошто е речиси невозможно да се заразите на отворено?

Аеросолите, ситни честички што лебдат во воздухот, се главен виновник за пренесување на вирусот. Според научниците, ова претежно се случува во затворен простор.

- Бидејќи циркулацијата на воздухот на отворено е многу поголема, има струење на ветерот, па концентрацијата на аеросоли за брзо време се разредува - вели Нико Мутерс, раководител на Институтот за јавно здравје на Универзитетската клиника во Бон.

Слично размислува и вирусологот Александар Кекуле и додава дека сето тоа важи ако се почитува растојанието од најмалку 1,5 метар на отворено.

- Ако не ја почитувате оваа дистанца, ако се гледате в лице и гласно разговарате, ако пеете, викате, тогаш наместо аеросоли, може да се заразите преку капки - вели тој.

Истражувањата потврдуваат дека ризикот од инфекција надвор е исклучително мал. Едно истражување од Кина проучувало 7.324 случаи на инфекција, од кои само еден бил на отворено. Кекуле вели дека истото важи и за мутациите на вирусот - тие се малку позаразни, но мерките остануваат исти.

maska
Фото: Freepik

- Колку е поветровито, толку побрзо ќе бидат разредени аеросолните облаци направени од човекот - вели Герхард Шеух, физичар и истражувач на аеросоли.

На прашањето дали на ливада, каде што престојуваат различни групи на луѓе, ветерот може да однесе аеросоли од едната на другата група, Шеух вели дека тоа е практично невозможно.

- Поради телесната температура, се создава еден вид струја на воздухот, кој претежно, како кај каминот, оди нагоре - вели овој физичар, бидејќи телесната температура од околу 37 степени генерално е повисока од надворешната.

Едно истражување во Иран исто така потврди дека ветерот не игра никаква улога во пренесувањето на вирусот.

Што кога надвор е топло, а што кога е студено?


Ова не е целосно научно разјаснето. Американски истражувачи го следеле развојот на инфекцијата во топли, ладни, суви и влажни делови на Кина - и не откриле никакви разлики. Австриско истражување открило дека ултравиолетовото зрачење го убива вирусот, на пример, на површини, но дека има мал ефект врз пренесувањето од човек на човек.

Мутерс вели дека не треба да се потпирате на сонцето - има повеќе ултравиолетово зрачење во текот на летото, но во снежните области, на пример, е уште поголемо поради рефлексијата на снегот. Покрај тоа, тој посочува дека пандемијата еднакво влијае и на потоплите и на постудените региони.

Кекуле, пак, верува дека ова не кажува ништо за самата суштина на нештата затоа што тој претпоставува дека дури и во топлите региони луѓето масовно се инфицираат во затворени простори.

- Тие остануваат повеќе внатре каде што се климатизерите и вентилаторите - вели тој.

Дали има опасност од спортувањето?


Експертите велат дека спортистите, на пример, кога џогираат, треба да одржуваат растојание од 1,5 метар и покрај фактот дека во состојба на физички напор тие дишат подлабоко и испуштаат повеќе честички во воздухот.

- Ако некој помине покрај вас, дури и на кратко растојание, ризикот е многу мал - вели Биргит Венер, истражувач на аеросоли од Институтот „Лајбниц“.

otvoreno
Фото: Freepik

Слично размислува и нејзиниот колега Герхард Шеух - задишаните спортисти треба да стојат долго време едни покрај други за да се прошири инфекцијата. Затоа тој не гледа проблем во тимските спортови како фудбалот.

- Но, проблемот се јавува кога се користат соблекувални или тоалети. Тие се опасни простории и мора да бидат добро проветрени - вели тој.

Дали средбата со пушачи е поопасна?

Ниту едно истражување сè уште не го поврзало пасивното пушење со зголемен ризик од инфекција со коронавирус.

- Пушењето не ослободува повеќе вируси во околината - вели Шеух.

Сепак, според Институтот „Роберт Кох“, пушачите имаат малку поголем ризик од сериозни болести доколку се заразат. Но, за другите тие не се поопасни.

Дали носењето маска на отворено има смисла?


Да, ако не можете да држите растојание. Особено во метеж, на пример, на концерти.

- Или кога сте на автобуска станица, или чекате во редица, тогаш маската има смисла - заклучува Венер.

Извор: Deustche Welle
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука