Што се однесува до австрискиот образовен систем, јас бев навистина воодушевен и позитивно изненаден од начинот на предавање и реализација на наставата, методите на учење и подготвување за секое следно предавање и целиот фокус беше насочен кон практиката, критичкиот начин на размислување, вели Дончев
Какви се Вашите впечатоци од целокупниот престој, од студиите при Универзитетот, работната пракса и воопшто целата организација на оваа програма?
⁃ Уште при самото пристигнување во Грац, Австрија, односно при самиот почеток на програмата, веќе добив впечаток дека се работи за нешто сосема ново и поразлично од сè она што имав искусено. Зборувајќи за престижниот Универзитет во Грац („Karl-Franzens-Universität Graz“), имав навистина што да научам од секој аспект. Како магистриран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, бев навистина воодушевен од методите на учење, предметите што ги имав избрано, односот на професорите кон студентите, како и студентите меѓусебно кои имав можност да ги запознаам доаѓајќи од целиот свет од голем број престижни универзитети како „Oxford“, „Princetone“ „Bocconi“ и многу други, кои го одбираат токму Грац за продолжување на нивната понатамошна едукација и унапредување во своето знаење, каде што имав можност да поразговарам со нив и да дознам малку повеќе за нивните искуства, како и можност да направиме споредба и да поразговараме како е кај нив, како е кај нас, околу австрискиот систем во целина итн.
Што се однесува до австрискиот образовен систем, јас бев навистина воодушевен и позитивно изненаден од начинот на предавање и реализација на наставата, методите на учење и подготвување за секое следно предавање и целиот фокус беше насочен кон практиката, критичкиот начин на размислување, идеите и насочување во полето во кое што студираме кон блиската иднина и иновативност која што претстои, бидејќи токму нашата генерација е дел од целокупните промени, а воедно и технолошкиот развој кој е насекаде присутен и токму од нас зависи во која насока ќе се стреми светот како начин на живеење.
Во поглед на работната пракса, имав многу прашања кои си ги поставував пред да започнам со истата, како ќе изгледа тоа да работам на германски јазик, како ќе се пронајдам во работењето во банка за која претходно немав такво слично искуство, и опкружен со луѓе од различни култури. Меѓутоа, благодарение на нивниот добро-развиен систем на функционирање и организација, за многу кратко време тоа повеќе не ме засегаше. Постојано бевме во контакт со одговорните луѓе од банката кои се грижеа за нас, а воедно ни беа и организирани разни активности преку целата година, а за време на нашето работење во различните сектори каде што бевме распоредени, сите имаа посебна почит кон нас како практиканти, а воедно е навистина привилегија да се биде избран за програмата „Best of South-East“, каде што се одбрани најдобрите апликанти од сите балкански држави, како и престиж да се работи и да се биде дел од семејството „Steiermärkische Bank und Sparkassen AG“, кое важи за голем и докажан бренд според нивната историја, услуга, квалитет, организација и распространетост низ цела Австрија, но и пошироко. Сумирано, не можам да ги сокријам и доискажам моите позитивни импресии од оваа програма која е совршена комбинација на преточување на нашето знаење стекнато за време на студирање во пракса, во една од најдобрите и докажани институции во светот, која може да ни помогне значително многу во нашата иднина.
Колку новите знаења и вештини што ги стекнавте за време на престојот таму, успевате да ги примените во Вашето секојдневно работење?
- Претрпев значително многу промени кај себе за време на мојот престој таму. Некои ги имав свесно, а некои од нив и несвесно прифатено. Меѓутоа, сум презадоволен како ова искуство и убавите навики кои ги стекнав се отсликаа на мене од аспект на начинот, пристапот и дисциплината на работа, начинот на комуникација со вработени и клиенти, подобрување на самиот јас како индивидуа, и секако многу други предности од кои како една од нив е што научив дека позитивната енергија и атмосфера е секогаш важна, бидејќи тоа е она што дава мотив и ефикасност за успешна работа, а и она што го чувствуваш, тоа и го пренесуваш на сите околу себе, така што е клучно секој да биде позитивен, среќен и задоволен, што би довело до поголема ефикасност и успех во работата без разлика на нејзината природа.
Како Ви се допадна градот Грац и воопшто Австрија, кои знаменитости и места според Вас вреди да се посетат? Што Ве инспирира во тамошната култура, храна и начин на живот?
- Австрија е земја која нуди сè и буквално таму секој би можел да се пронајде. Има безброј планини, паркови, езера за релаксација, природа, чист воздух и многу убавини кои што го исполнуваат слободното време во сите сезони од годината и е прилично тешко да се опишат и треба да се доживеат. Вообичаено за време на викендите, секогаш настојував да одвојам време и да посетам нешто ново, а особен впечаток ми оставија тврдината „Schlossberg“ од каде што има прекрасен панорамски поглед кон Грац и се наоѓа во срцето на градот, разните катедрали со средновековна архитектура и специфична градба, замокот „Eggenberg“, парковите „Stadtpark“, „Volksgarten“ и како и да се одмора во „Augarten“, уживајќи во звукот на реката Мур која се наоѓа веднаш до паркот и служи за разни активности како Padleboard, кајакарење и слично, а што се однесува до нивната култура, најмногу бев воодушевен од нивната едноставност и нивната животна дисциплина, ставајќо акцент на спортските активности како дел од нивното секојдневие кои што се неизбежни за секоја личност таму и ги практикуваат постојано без разлика на временските промени, што според мене премногу кажува за нивната култура и почит према себе и нивниот начин на живот, кој што е исполнет со здрави и добри навики. Храната изобилува со различен избор и е навистина вкусна, особено австриската шницла како нивен заштитен знак.
Несомнено за време на програмата се сретнавте со многу различни луѓе и интернационални култури. Дали стекнавте нови пријатели, дали сè уште контактирате со колегите и професорите и кој момент би го издвоиле како најубав за време на престојот таму?
⁃ Мината година беше навистина неизвесна поради несаканата пандемија и сите часови се одвиваа online, меѓутоа тоа придонесе да тоа биде едно несекојдневно искуство и како последица на истото нашето дружење со пријателите кои ги запознав таму, истото уште повеќе се заинтензивира и беше прилика да се запознаеме многу подобро меѓусебно, каде што секој беше од различна држава и од секого имаше по нешто да се слушне и научи, така што тоа придонесе да се дружиме во студентските домови и да се организиравме на најразлични начини како заедничко готвење, излегување во природа, организирање разни тури за шетање и планинарење и на тој начин беше неизбежно да се запознаваат постојано нови луѓе и да се шират разни познанства. Навистина е тешко да се одвои некој посебен момент, но сепак би го издвоил заедничкото патување во Барселона, Шпанија, кое беше резултат на незаборавното дружење и блиско пријателство кое го стекнавме во текот на целата година, вклучувајќи ги и разните моменти кои ги имавме поминато наразделни заедно кои долго ќе се паметат. По тој одмор нашите патишта се разделија, но постојано сме во контакт и сметам дека тоа е нешто што ќе остане и понатаму.
Што би им препорачале на сите оние што се заинтересирани и сега размислуваат да се пријават на конкурсот? Како би ги охрабриле?
⁃ Секој период од нашиот живот има посебен белег, меѓутоа периодот на студирање е дефинитивно последниот стадиум во кој е пресудно каква одлука ќе донесеме за продолжување на нашиот животен пат, па затоа потполно ги охрабрувам да се пријават на оваа програма, која е совршена сплотеност на едукација, личен развој, напредок и пракса испреплетено со многу доживувања, прекрасни моменти, дружења, спомени и е нешто што дефинитивно засекогаш ќе остане во сеќавање, како и многу други предности кои што значително ќе помогнат во изградба на својот карактер, овозможувајќи огромен придонес за продолжување на својата едукативна и професионална кариера.
(Комерцијална објава)