Бесмртниот живот би можел да биде научно оневозможен дури и кога некако би пронашле совршен лек против стареењето, покажува нова студија на руски научници. Имено, симулациите на Институтот за наука и технологија „Сколково“, објавени во списанието „НПГ ејџинг“, покажаа дека луѓето не би можеле да живеат вечно дури и кога научниците со помош на идеални лекови би го совладале секој друг аспект на стареењето.
Акумулирањето на генетски грешки, особено во органите што не се регенерираат како срцето и мозокот, трајно ја ограничува функционалноста на телото, а случајните ДНК-мутации би продолжиле да се акумулираат во нашите клетки сè додека телото повеќе не би можело да функционира.
Поради тоа, како што пресметале, максималниот човечки век би можел да трае меѓу 146 и 194 години.
Моделот претпоставува дека соматските мутации се акумулираат во текот на животот и проценува колку влијаат врз намалувањето на преживувањето, независно од другите одлики на стареењето (Ефимов и сораб.)
Научниците дошле до тој заклучок со помош на компјутерски математички модел кој симулира акумулирање на соматски мутации во ткивата и прецизно ја мери брзината на пропаѓање на генетскиот код со текот на времето. Оваа рамка служи како дигитален полигон за предвидување критични оштетувања и евалуација на ефектот од биолошките процеси врз стареењето.
Фото: magnific