X
 29.07.2026 Живот

На остров среде океан живеат 50 луѓе - речиси сите имаат исто презиме и се потомци на бунтовници од еден брод

Питкернските Острови се едни од најизолираните населени острови во светот. На овие острови живеат педесетина луѓе, претежно потомци на бунтовниците кои пред повеќе од два века кренале бунт на британскиот брод „Баунти“.

Питкернските Острови се наоѓаат во Јужниот Пацифик, далеку од сите главни поморски и воздушни маршрути. Најблискиот населен остров е оддалечен повеќе стотици километри.

На островите нема аеродром, па до нив може да се стигне исклучиво со брод, по повеќедневно патување, а денес на таму живеат едвај педесетина жители.

Бунтот на „Баунти“


Приказната за населувањето на островите започнува во 1789 година, кога на британскиот брод „Баунти“ избувнал бунт против капетанот Вилијам Блај. Бунтовниците ја презеле контролата врз бродот, а капетанот и морнарите што му останале верни ги оставиле во мал чамец среде Тихиот Океан.

Барајќи место каде што британските власти нема да ги пронајдат, дел од бунтовниците стигнале до оддалечениот и тогаш ненаселен остров Питкерн, заедно со неколку мажи и жени од Полинезија.

За да ја отстранат секоја трага, бунтовниците го запалиле бродот. Со години живееле целосно отсечени од остатокот од светот, а нивното постоење било откриено дури кога еден брод сосема случајно се закотвил на островот.

 

Дотогаш повеќето од првите доселеници веќе биле мртви, а на островите останале нивните потомци. Денес таму живеат едвај педесетина луѓе, од кои многумина носат исти презимиња, а бродот пристигнува до островот само повремено.

Повеќето од денешните жители се потомци на бунтовниците и Полинезијците кои заедно со нив стигнале на островот. Поради тоа, на Питкернските Острови се повторуваат мал број презимиња, а многу жители се во меѓусебно сродство.

Зборуваат посебен јазик, познат како питкернски, кој настанал со мешање на англискиот и полинезиските јазици на првите доселеници.

Електричната енергија се произведува со помош на генератори, додека храната, горивото, лековите и поштата пристигнуваат со брод само неколку пати годишно.

Најголемиот предизвик за островите денес е опстанокот на заедницата. Бројот на жители со години опаѓа бидејќи младите заминуваат на школување или работа во други земји и ретко се враќаат.

За да го запрат иселувањето, локалните власти нудеа бесплатно земјиште за луѓето што би сакале да се доселат. Сепак, интересот беше многу мал бидејќи животот на толку изолиран остров, без аеродром и со ретки бродски врски, не им е привлечен на повеќето луѓе.

Извор: Nova.rs
Фото: Wikipedia

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот