Астронаутите кои се враќаат дома од мисии на Меѓународната вселенска станица често опишуваат едно чудно чувство - се чувствуваат како да го гледаат сопствениот живот однадвор, како да ги снима некое трето лице.
Иако ова не е официјална медицинска дијагноза, вселенските лекари и психолози го забележуваат ова толку често што веќе го сметаат за нормален дел од приспособувањето на Земјата.
Како изгледа ова чувство во реалноста?
Вратените астронаути опишуваат неколку исклучително необични појави кои го следат нивното враќање на Земјата. Најпрво, кај нив се јавува таканареченото чувство на гостин, па кога седат на вечера со семејството во сопствениот дом, тие всушност се чувствуваат како само да се дојдени на гости. Ова е придружено со претерана свесност за сопственото тело, поради што не можат дури ни да спуштат обична чаша на маса без посветено да ја следат сопствената рака како го прави тоа.
Покрај ова, тие доживуваат и вистински сетилен шок бидејќи домот одеднаш им изгледа како филмска сцена, мирисите како оној на дожд им стануваат премногу силни, а вкусовите, на пример, на една обична јагода, ги доживуваат како шокантно интензивни. На крајот, целата оваа состојба ја надополнува и доживувањето на гравитацијата како театар бидејќи човечкиот мозок, по поминат период во бестежинска состојба, сега ја гледа привлечната сила на Земјата како нешто сосема неприродно што треба одново да се учи и проучува.
Оваа појава се случува поради три главни причини кои се испреплетуваат по враќањето на Земјата. Првата е од невролошка природа бидејќи во вселената мозокот престанува да му верува на внатрешното уво за рамнотежа и почнува целосно да се потпира на видот. Кога астронаутите ќе се вратат назад, мозокот троши огромна енергија за повторно да научи како да функционира со гравитацијата, па затоа секое секојдневно движење им изгледа како да е под забавена снимка.
Втората причина е поврзана со состојбата на постојан дежурен мозок, со оглед на тоа што во вселената секоја ситна грешка може да биде смртоносна. Астронаутите со месеци живеат со вклучен „внатрешен аларм“ кој постојано ги контролира во сè што прават, а тој аларм едноставно не може да се исклучи во истиот момент кога тие ќе слетаат и ќе влезат во сопствената кујна.
На крајот, тука е и психолошкиот феномен познат како
„ефектот на преглед“. Кога човек ќе ја види Земјата од вселената како една ситна, кревка топка без никакви граници, сите секојдневни маки, како сообраќајниот метеж или малите кавги, одеднаш изгледаат сосема неважни. Оваа длабока емотивна дистанца им создава силно чувство на исклученост од вообичаената реалност.
По шест месеци поминати во затворен простор со само петмина колеги, враќањето во јавноста е вистински шок. Продавниците за храна им се напорни, а забавите премногу бучни. Затоа, астронаутите често сакаат да се повлечат во тивка соба и само да набљудуваат, што семејството може да го сфати како ладнокрвност, но психолозите знаат дека тоа е процес на „декомпресија“.
Како се враќаат во нормала?
Процесот на закрепнување трае околу 45 дена и вклучува вежби со физиотерапевти и психолози. Семејствата се однапред подготвени и известени дека астронаутот на почетокот ќе биде тивок и отсутен.
На крајот, чувството на набљудувач исчезнува. Гравитацијата престанува да биде чудна, а јагодата повторно има вкус на обична јагода. Сепак, повеќето астронаути признаваат дека некаде длабоко во нив засекогаш останува мал дел од она чувство што го имале додека ја гледале планетата од вселената.
Извор:
Space Daily
Фото: Magnific