Националниот ансамбл „Танец“ и нашата гитарска легенда Влатко Стефановски, со заедничкиот концерт најавен „Танец и Влатко“, вечерва во 20 часот, во НОБ ќе ја отворат манифестацијата „Есенски музички свечености 2021“. Од „Танец“ најавуваат дека настанот ќе се одвива според сите епидемиолошки протоколи, што значи со лимитиран број на посетители.
- Влатко Стефановски е стар пријател на „Танец“, кој во текот на својата речиси петдецениска кариера многупати има настапено со ансамблот, и дома и надвор. Секогаш соработките со „Танец“ ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, како и за македонската музичка култура во целост. Влатко, освен повремените еднократни настапи со „Танец“, никогаш досега не остварил целовечерен концерт со ансамблот - соопштуваат од „Танец“.
Познатиот македонски композитор, аранжер и инструменталист Дамир Имери ги напиша аранжманите на антологиските ора „Пелистерско“, „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“, кои ќе бидат дел од репертоарот на вечерашниот концерт.
фото: ФБ-страница на „Танец“