X
 05.11.2023 Наука

Луѓето чувствуваат допир и преку влакната на косата

Една нова студија открива досега неоткриен начин на кој можеме да чувствуваме допир: директно преку фоликулите на косата. Досега се сметаше дека само нервните завршетоци во кожата и околу фоликулите на косата можат да го пренесат чувството на допир.

Тимот кој стои зад студијата, предводен од истражувачи од Кралскиот колеџ во Лондон, користел процес на секвенционирање на РНК за да открие дека клетките во дел од фоликулот на косата наречен надворешна коренска обвивка имаат поголем процент на рецептори чувствителни на допир од еквивалентните клетки во кожата.

Потоа биле направени симулации во лабораториски услови кои покажале дека чувството било регистрирано и во клетките на фоликулите на косата. Експериментите открија и дека невротрансмитерите серотонин и хистамин се ослободуваат од клетките на овие фоликули како начин за сигнализирање до околните клетки.

Научниците додаваат и дека експериментите биле повторени на клетки на кожата, а во овој случај се ослободува хистамин, но многу малку серотонин. Имајќи предвид дека хистаминот игра значајна улога во неколку воспалителни заболувања на кожата, можно е понатамошното истражување за начинот на кој фоликулите на косата го откриваат допирот, исто така, да доведе до подобри третмани и превентивни мерки.

- Тоа е возбудливо откритие бидејќи отвора уште многу прашања за овие клетки: зошто тие ја имаат оваа улога и што друго можеме да научиме од нив за тоа како нашата кожа чувствува допир - вели научникот Парасто Хашеми од Кралскиот колеџ во Лондон.

Извор: Science alert
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука