X
 05.12.2018 Култура

Како во сиромашната држава пред 70 години се формира Уметничката галерија „Скопје“

Со свечена академија Националната галерија на Македонија, вечерва во 20 часот, во Даут-пашиниот амам ќе одбележи 70 години од основањето (1948-2018). Истовремено ќе биде отворена изложбата „Почетоци за паметење“, на која ќе бидат претставени дела и архивски материјали поврзани со постоењето и растот на галеријата. Куратор на изложбата е Славица Алексоска, виш кустос.

Последни подготовки за свечената академија. Тимот на Националната галерија на Македонија   Фото: НГМ

На изложбата ќе бидат претставени 150 листа оригинална архивска документација од 1948 до 1956 година. Подготвувајќи ја поставката, Алексоска наишла на интересни податоци за формирањето на галеријата, откупите на делата и комуникацијата со уметници и други институции.
- Најсилен впечаток ми остави периодот од 1948 до 1956 година, кога со галеријата раководеле еминентните македонски ликовни уметници Борко Лазески и Никола Мартиноски. Период исполнет со професионалност, упорност и одговорност не само кај вработените во Уметничката галерија туку и кај државните органи и институции. Во сиромашна држава со неразвиено стопанство, во која сè уште се чувствуваат последиците од војната, импресионира високиот степен на чувство за негување на културното наследство и стимулирање и презентирање на современото ликовно творештво - вели Алексоска.

Во овој период се направени најзначајните чекори во постоењето на оваа институција. Даут-пашиниот амам е адаптиран во галериски простор (тогашната Уметничка галерија „Скопје“, која пред 15 години беше преименувана во Национална галерија на Македонија), формирана е богата галериска збирка и поставени се повеќе домашни и меѓународни изложби.
Денес, НГМ располага со неколку големи изложбени простори - Даут-пашин амам, Чифте амам, Мала станица и Куќата на Лазар Личеноски, која треба да прерасне во музеј.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура