X
 02.09.2016 Живот

Како Евреите сакале да убијат 12.000 Ес-Ес офицери

Поминаа 70 години од обидот за одмазда на преживеаните Евреи од Холокаустот врз Ес-Ес офицерите, споделува водачот на неуспешниот заговор во разговор со новинар на Асошиејтед Прес.

“Само за едно жалам – според моите сознанија не успеавме да убиеме ниеден нацист”, вели Јозеф Хармац, водачот на еврејската одмазничка дружина, која во 1946 година се обидела да отруе повеќе од 2200 поранешни Ес-Ес-овци во американскиот камп за воени затвореници.

Неодамна обелоденет извештај на американската војска во врска со инцидентот, сведочи за количината искористен арсен при обидот за труење на нацистите кој бил доволен да убие десетици илјади луѓе.
“Нашата мисија беше едноставна – да ги убиеме Германците, што поголем број од нив”, вели Хармац и додава дека не сакале да се вратат во Палестина без макар минорна освета за загубата на животите на нивните роднини и пријатели во Втората светска војна.

Иницијатор на одмазничката акција бил поетот Аба Ковнер, кој поттикнал група од педесетина луѓе што го преживеале Холокаустот. Неговата оригинална идеја била да пуштат отров во Нирнбершкиот водовод, што било отфрлено од мнозинството вклучени во потфатот, сметајќи го за прерадикален чекор при кој ќе настрадаат и невини жртви. Стравувале дека таквиот потег може да влијае врз поддршката што ја добивале Евреите од меѓународната заедница, која го аминувала основањето на државата Израел на територијата на Палестина.

Но, на пат кон Европа, Ковнер го фрлил отровот в море, заради сомнежот што се појавил кај британските власти, поради што групата преминала на план Б.
Неколку членови на групата, се инфилтрирале како пекари со лажни идентитети во кампот за воени злосторници Сталаг 13 POW во Лангвазер, покрај Нирнберг. Откако добиле нова количина арсен од еден соработник на Ковнер, тројца одмазници, на 13 април 1946 година, во рок од два часа со отровот премачкале 3000 парчиња леб со надеж дека на тој начин ќе убијат 12.000 Ес-Ес офицери што биле во кампот.

Но, иако количината била доволна да убие 60.000 луѓе, акцијата ја преживеале сите. Од дополнителната истрага се дознало дека во пекарницата имало речиси 10 килограми чист арсен, кој помешан со вода и лепак го ставале на лебот, зашто подобро се впивал. Нацистите што каснале од лебот добиле симптоми слични на колера, како на пример, повраќање, дијареја и осипи на кожата. Најголемата колична арсен пронајдена на една кришка леб била 0,2 грама, што во поголемиот број случаи би резултирало со смрт.
Се претпоставува дека одмазниците ги премачкувале парчињата леб со тенки слоеви во кои имало арсен. Друга теорија за пропаднатиот план вели дека повеќето од затворениците по првиот гриз се посомневале дека нешто не е во ред и не внеле доволно арсен за да ги убие. 

По неуспешниот обид, Хармац и други членови на групата, пребегале во Палестина преку Чехословачка. Иако против одмазниците се водела истрага за обид за убиство, од страна на властите во Нирнберг, сепак, се одлучило против нив да не бидат поднесени тужби. Инаку, постои документарец од 1999 година, во кој детално се опишува целата операција.

Детали од разговорот можете да прочитате на следниов линк.

Јозеф Хармац
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот