X
 05.12.2021 Живот

Науката докажа - сестрата ве прави подобар човек

Сестрата може да ве нервира во еден момент, а веќе во следниот да ви биде најдобра пријателка. На крајот од денот, сакани сте и во текот од животот ќе научите многу за светот од таа сестринска врска.

Истражувањата покажуваат дека луѓето што имаат сестри имаат предност бидејќи сестрите помагаат во развивање социјални вештини, како комуникација, компромис и преговарање. Според Алек Јансен, доцент на Универзитетот „Бригам Јанг“, кој е автор на истражување за односот помеѓу браќата и сестрите, дури и кавгата помеѓу браќата и сестрите, доколку е помала, може да придонесе за развој на комуникациските вештини.

Истражувачите покажале дека сестрата може да го подобри менталното здравје и да ја зголеми самопочитта. Било откриено дека сестрите ги штитат браќата и сестрите од чувството на осаменост, недостиг на љубов, вина, самокритика и страв.


Фото: Pixabay

Освен тоа, Јансен пишува дека сестрата може да ви помогне да станете личност која дава повеќе љубов затоа што го промовира позитивното социјално однесување полно со сочувство и алтруизам и покажува љубов и блискост.

Сестрата може многу да ве научи за решавањето на конфликтите, емпатијата и начинот на грижа за другите бидејќи учите како да решавате ескалирачки ситуации преку интеракција со сестрата. Истражувањата покажале и дека браќата што пораснале со сестра подобро комуницираат со жените од оние што се единци или имаат само браќа.

- Некои истражувања покажуваат дека раѓањето на брат или сестра со различен пол може да биде од вистинска корист во адолесценцијата - тврди Јенсен.


Фото: Pixabay

Истражување од британски психолози од 2009 година открило и дека луѓето што растеле со барем една сестра се поодлучни и понезависни од оние што растеле само со браќа.

- Се чини дека постои нешто во семејството во врска со бројот на девојки што доведува до поголемо охрабрување за постигнувањата и независноста - изјавил Тони Касиди, еден од авторите на ова истражување.


Фото: Pixabay

Истото истражување покажало и дека сестрите може да им помогнат на браќата и сестрите да постигнат внатрешен мир. Конкретно, луѓето со барем една сестра подобро се справуваат со животните проблеми и имаат помал стрес, но и се посреќни и поголеми оптимисти во споредба со другите.

Зошто сестрите, а не браќата, помагаат да се постигне оваа рамнотежа? Според Касиди, жените ги отвораат каналите на комуникација и тоа е позитивно. Емоционалното изразување е многу важно за доброто психолошко здравје и тоа е она што сестрите го промовираат во семејството.

Извор: DDL
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот