X
 05.12.2022 Култура

Како настанала песната „Billie Jean“ на Мајкл Џексон?

Во текот на својата кариера Мајкл Џексон издаде голем број хитови, а еден од најголемите е „Billie Jean“.

Оваа песна е за девојка која тврдела дека кралот на попот е татко на нејзиното дете. Мајкл Џексон го базираше неговиот хит на жена која го демнела, која му пишувала писма за синот за кој мислела дека е негов. Песната беше неговиот начин да ги изрази своите чувства без директно да ѝ се обраќа.

Иако Џексон никогаш нема кажано многу детали за вистинската Били Џин, неговиот продуцент Квинси Џонс изјави дека Мајкл ја нашол девојката еден ден како лежи покрај неговиот базен во костим за капење и очила за сонце. Според Џонс, таа го обвинила Џексон дека е татко на еден од нејзините близнаци, за што Џонс сметал дека е прилично апсурдно и смешно.

Во својата автобиографија, Џексон пишува дека Квинси Џонс сакал да го смени насловот на песната во „Not My Lover“ бидејќи мислел дека песната ќе биде помешана со тениската ѕвезда Били Џин Кинг. На крајот беше прифатен предлогот на Мајкл Џексон, па останал насловот „Billie Jean“.

Која всушност била Били Џин, Мајкл објасни своевремено во едно интервју во Тајланд.

- Постои една девојка по име Били Џин, но тоа не е тенисерката Били Џин. На некој начин, Били Џин е анонимна. Таа претставува многу девојки. Ова го напишав од искуството со моите браќа кога бев мал. Постоеја многу девојки Били Џин. Секоја девојка тврдеше дека нивниот син е поврзан со еден од моите браќа - изјави тогаш Џексон.


- Знаев дека ќе биде голем хит додека ја пишував. Навистина бев преокупиран со оваа песна. Еден ден, за време на паузата на снимањето, се возев по автопатот Вентура со Нелсон Хејс, кој работеше со мене во тоа време. Цело време Били Џин ми се моташе низ главата, па постојано размислував за песната. Додека се приклучувавме на автопат, едно момче на мотор ми пријде и ми рече: „Ви гори автомобилот“. Одеднаш забележавме чад и застанавме. Долниот дел на автомобилот беше во пламен. Момчето ни ги спаси животите. Ако автомобилот експлодираше, можевме да умреме. Но, толку бев занесен во оваа мелодија што ми беше во главата што не се ни фокусирав на страшните можности - изјави Џексон.

Песната и мелодијата за „Billie Jean“ ги создал во својот дом во Енсино, а за оваа композиција доби „Греми“ во 1983 година за најдобар ритам и блуз вокална изведба, како и најдобар ритам и блуз-песна.

Спотот за песната го режираше Стив Барон, а првичната идеја на Барон била посложена и вклучувала група танчари. Сепак, било избрано поевтино решение и било направено видеото кое го знаеме денес.



Извор: Telegraf.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура