23.04.2019
Политика
Австриски политичар поднесе оставка поради песна
Австрискиот политичар Кристијан Шлихер од Слободарската партија на Австрија поднесе оставка на функцијата заменик-градоначалник на Браунау на Ина откако неговата антимигрантска песна предизвика жестоки реакции во земјата.
Тоа го потврди и вицеканцеларот Хајнц-Кристијан Штрахе, партиски колега на Шлихер, кој рече дека тој ќе ја напушти и партијата ФПО.
Во песната Шлихер ги споредува мигрантите со стаорци и предупредува на опасноста од мешање на културите. Во поемата се вели „како што ние живееме овде долу, другите стаорци кои доаѓаат како гости или мигранти, вклучувајќи ги и оние што не ги знаеме, мора да го споделуваат нашиот начин на живот! Или веднаш да си одат оттука!“
На поемата објавена во локалниот весник на Слободарската партија на Австрија реагира и канцеларот Себастијан Курц, кој е во коалиција со ФПО од 2017 година, и побара разгранокот на таа партија да се огради од текстот.
- Изборот на зборови е одвратен, нехуман и длабоко расистички - истакна Курц.
Шлихер изјави дека замислата му била поемата да биде провокативна, но не му била намерата да навреди некого. Со цел да не ѝ нанесе штета на партијата, тој поднесе оставка на функцијата заменик-градоначалник на Браунау на Ина, инаку родното место на Адолф Хитлер.
Извор: МИА