„Ако небото падне во морето, а ѕвездите исчезнат насекаде околу мене...“ - вака започнува најпознатата француска песна за љубовта - „Ода на љубовта“ (L’hymne à l’amour).
Ноќта на отворањето на Олимписките игри во Париз истураше дожд, реката Сена го замени морето, а сите можни ѕвезди беа засенети од блескавата Ајфелова кула, но безвремената почест на Едит Пјаф за нејзината изгубена љубов звучеше потресно како кога првпат се слушна пред повеќе од половина век.
Стоејќи на балконот на Ајфеловата кула, со олимписките прстени прикачени за железните страни на кулата, светски познатата пејачка Селин Дион ја испеа оваа песна пред повеќе од 300.000 гледачи, вклучувајќи и околу 6.800 спортисти.
Таа првпат пееше во живо откако ѝ беше дијагностициран синдром на вкочанетост во 2022 година, ретка невролошка болест што предизвикува мускулни грчеви и вкочанетост на трупот и екстремитетите. Најпогубно за Дион е тоа што болеста ѝ отежнува да ги контролира гласните жици.
Пред 75 години друга легендарна пејачка, Пјаф, првпат ја изведе култната песна со иста сурова емоција во нејзиниот глас.
Француската икона го составила текстот на „Ода на љубовта“ во домот што го делела со француско-алжирскиот професионален боксер и светски шампион во средна категорија Марсел Сердан, како почест за нивната љубов.
Пејачката и спортистот се запознале во Њујорк во 1948 година за време на турнејата на Пјаф низ САД и било љубов на прв поглед.
Но, оваа љубовна приказна заврши со шокантен крај на 28 октомври 1949 година, кога авионот на Марсел се урнал во средината на Атлантикот. 33-годишниот боксер бил на пат кон Северна Америка за да се сретне со Пјаф на нејзино барање. Кобната несреќа на нејзиниот сакан ја доведе Пјаф до дното, па тагата и вината се обидувала да ги смири со морфиум и алкохол. Пјаф никогаш не закрепнала по смртта на Марсел.
Сега, на пет километри од куќата каде што Пјаф го напишала пророчкиот текст на нејзината љубовна химна, стиховите одекнаа од балконот на Ајфеловата кула.
Фото: Screenshot/YouTube