Адис Ахметоџиќ е писател и поет од Сараево кој го води фејсбук-профилот на „Сараевски Џон До“. Неговите објави, проткаени со нежни, но и силни емоции, со кои не е тешко да се идентификувате, му донесуваат сè поголема популарност на социјалните мрежи.
Токму на овој фејсбук-профил ја објави и својата песна „Зошто го мразам Балканот“, која совршено покажува сè што сме на овие простори и зошто никогаш нема да бидеме она што сакаме да бидеме или што сме се убедиле себеси дека сме.
Песната ја пренесуваме во целост:
Зошто го мразам Балканот
Затоа што сум непријатен за секого ако се обидам нешто да кажам
Затоа што секој знае подобро од мене
Затоа што штотуку се „испилив“ и што има јас да кажувам
Затоа што е студено и кога е жешко и жешко е кога е студено
Затоа што е во ред трамвајот да смрди, а не е во ред да се шверцуваш
Затоа што немаше да се случи ако не сликав
Затоа што се срамиме од глупости
Затоа што никој нема право да биде подобар од нас
Затоа што никој не нè разбира
Затоа што сме напатени од објаснувањето дека сме напатени
Затоа што нема место
Затоа што така се презиваш
Затоа што повеќе не е тоа време
Затоа што има ред пред амбасадата
Затоа што е во ред да пушите шлауф, а не е во ред да читате на ѕидот покрај реката
Затоа што си дебил ако си нормален
Затоа што си цар ако си дебил
Затоа што никој не знае кој е Марко Томаш, а знае што е „Задруга“
Затоа што секое мислење некаде припаѓа
Затоа што во нешто треба да припаднеш
Затоа што за некој мораш да навиваш
Затоа што сум ничиј
Затоа што немам кому да простувам или заборавам
Затоа што тоа не се мои војни
Затоа што тоа не се мои претседатели
Затоа што немам каде да го родам детето
Затоа што минималната пензија на татко ми е навреда за опстанок
Затоа што со магистерската диплома ги тепам комарците
Затоа што се гладни кучињата скитници, а најадени се нашминканите пудлици
Затоа што за сè постои тренд
Затоа што само сереш бидејќи критикуваш
Затоа што сум статистика
Затоа што добро се продаваат таблетите за смирување
Затоа што револуциите се водат на дигитални ѕидови
Затоа што сум исмејуван што и да кажам
Затоа што исмејуваните престанаа да зборуваат
Затоа што другите зборуваат
наместо нас.