X
 06.01.2016 Живот

Како да смирите дете кое хистерично плаче?

Врискањето, хистеричното плачење и неконтролираното однесување се епизоди со кои се среќава скоро секој родител на дете од една до три години. Родителите различно реагираат на ваквото однесување - од игнорирање на детето до моментално задоволување на секое барање.

Без оглед каде се наоѓате во моментот кога детето ќе има напади на бес, тешко е да останете мирни и да реагирате на вистински начин. Не само што чувствувате дека сите кои присуствуваат на местото ги оценуваат и судат вашите родителски способности, туку и оваа ситуација е доста стресна како за родителите, така и за децата.


Во периодот од една до три години децата поминуваат низ доста брз психофизички развој. Тоа е период кога тие усвојуваат голем број моторни вештини, децата учат јазик и ги усвојуваат начинините на решавање на проблеми. Токму брзиот развој е причина за фрустрацијата која понекогаш завршува со напади на бес.

Иако физички повеќе потсетуваат на мали луѓе, детскиот ум во оваа фаза се`уште е во развој, па го движат емотивни, инстинктивни и примарни реакции. Како што објаснува американскиот педијатар, Д-р Карп, реакцијата на бес се заснова на примарните инстинкти, однесување кое ни е вродено, дури и кај возрасните чие однесување обично е регулирано од општествените правила. Ова однесување е уште поизразено кај децата кои се`уште немаат усвоени шеми за прифатливо однесување, а се соочуваат со бројни нови искуства.

Методата на доктор Карп

Д-р Карп, чија книга „Најсреќното бебе“, ја има на полиците на секое семејство кое очекува бебе или добило бебе, во неговата книга „Најсреќното дете“ се занимава, меѓу останатото, со проблемите на напади на бес кај децата.

Овој експерт ги советува родителите на детето кое плаче, вреска и хистерично бара нешто, да не пристапуваат на рационален, практичен начин, бидејќи тоа тогаш не може да го прифати. Наместо тоа, советот на Д-р Карп е на детето да му се каже токму она што сака да го слушне. Тоа подразбира ментално и физички да се спуштите на нивото на детето кое е вознемирено. Целта е да не попуштите и да не му го дадете на детето она што го бара, туку со него да комуницирате на ист начин за тоа да ве разбере:

- Повторувајќи ги зборовите кои ги користи детето
- Користејќи кратки фрази со доста повторување
- Со рефлектирање на чувствата на детето во тонот на гласот и изразот на лицето

На пример, во ситуација кога вашето дете добива напад на бес во продавница затоа што не сте му купиле играчка, детето започнува да вреска: „Сакам! Сакам! Сакам!“. Ако се обидете на смирен начин со љубезен глас да му кажете: „Злато, не можеш да добиеш сега“, овој одговор сигурно ќе ја влоши работата.

Ова навистина е логичен, разумен одговор на родител кој си го сака детето, но детето на оваа возраст само ќе биде уште повеќе бесно, објаснува Д-р Карп. ТОј смета дека мора да го повторува својот став се` погласно и похистерично за да го слушнете и разберете. Затоа, вие треба да ги повторите неговите зборови и тоа со смирувачки тон: „Сакаш топка. Сакаш топка. Топка. Сега“.

Можеби овој пристап ви делува чудно, но овој одговор е всушност, само верзија на веќе добро оправдан метод на активно слушање кое возрасните го користат во секојдневната комуникација, особено во проблематични случаи. Целта секако, не е само да ги повторувате зборовите, туку на личноста со која разговарате да и` стане јасно дека сте ја сфатиле што сака таа. Кога разговарате со возрасна личност која е вознемирена и бесна, неа ќе и` кажете: „Разбирам. Разбирам. Те сфаќам. Навистина ми е жал“. Надвор од контекстот, овој одговор звучи неповрзано и бесмислено, а сепак личноста на која и` кажувате може да се смири и да престане со хистеријата. Сосема е слична и реакцијата на детето.

Д-р Карп овој метод практично го демонстрирал и покажал како расплачено и хистерично дете во рок од неколку секунди кога добие ваков одговор се смирува и го гледа возрасниот кој го повторува неговиот проблем. Кога ќе го постигнете тоа и ќе го надмине нападот на бес, можете на смиреното дете да му понудите некое друго решение и да го утешите, во зависност од ситуацијата. Само смиреното дете ќе биде во состојба да ве слушне и да го прифати вашето објаснување.

Доколку интензивните напади на бес се јавуваат многу често, тие можат да бидат знак за некои здравствени проблеми, па доколку забележите вакво нешто, добро би било да се посоветувате со педијатар.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот