Дали навистина мобилните телефони, компјутерите и конзолите се виновни за сите психолошки проблеми со кои се соочуваат денешните деца и нивните родители или виновникот треба да се бара на друго место? Дали генетиката може да има некаква врска со времето поминато пред екран и психолошките проблеми кај децата?
Наодите од студија за когнитивниот развој на адолесцентниот мозок, во која беа опфатени 4.262 деца, укажуваат дека генетиката носи голем дел од одговорноста за врската помеѓу времето поминато пред екран и проблемите со задржување на вниманието и социјализација кај адолесцентите.
Студијата, спроведена од Школата за јавно здравје на Универзитетот „Харвард“, анализирала податоци за деца на возраст меѓу 9 и 11 години, собрани помеѓу 2016 и 2019 година во 21 град низ САД. Детските психијатриски проблеми, особено оние поврзани со одржување на вниманието и усвојување на општествените норми, беа мерени со Ахенбаховата скала со помош на моделот за анализа на генетска чувствителност.
Голем број трудови укажуваат на поврзаноста меѓу прекумерното време пред екран и психијатриските проблеми на децата. Неодамнешната метаанализа на 87 студии покажа дека подолгото време пред екранот е поврзано со мало зголемување на проблемите со усвојувањето на социјалните норми. Друга студија покажа дека времето пред екранот е поврзано со поголеми проблеми со вниманието во детството. Слично на тоа, едно големо истражување на населението забележало дека децата и адолесцентите што поминувале повеќе од четири часа на ден пред екранот имале поголеми проблеми со контролирањето на расположението и вниманието.
Сепак, потенцијалната улога на генетиката во овие врски досега била непозната. Резултатите од новата студија ја нагласуваат важноста да се земат предвид генетските фактори во истражувањата од областа. Ако генетските фактори се главната врска помеѓу времето поминато пред екранот и менталното здравје, тогаш ограничувањето на времето поминато на екранот може да биде значително помалку ефективно од очекуваното.
Истражувачите посочуваат дека ова откритие не значи дека родителите треба да заземат благ однос кон децата кои прекумерно користат електронски уреди, бидејќи премногу време пред екранот, меѓу другото, придонесува за намалена физичка активност и послабо исполнување на училишните обврски.
Извор:
Bug
Насловна фотографија: Pixabay