X
 06.01.2019 Технологија

Хакери измамија систем за препознавање на вени

Познати хакери открија начин како едноставно да се измами системот за препознавање на вени, биометриска безбедносна метода, која ги скенира вените во рацете за да го потврди идентитетот на луѓето.

За разлика од отпечатоците од прсти, кои често остануваат на површините откако ќе ги допреме, шемата според која се распоредени вените во нашето тело не може да се репродуцираат на тој начин. Затоа се сметаше дека тоа е побезбедно за користење.

Но, Јан Крислер и Јулијан Албрехт употребиле лажна рака направена од восок за да ги измамат скенерите на компаниите „Хитачи“ и „Фуџицу“, кои наводно држат 95 отсто од пазарот на тие уреди.

Тие својот метод го презентираа на конгрес во Германија. Демонстрацијата не поминала баш најдобро. Тие морале да постават еден скенер под маса за да го отстранат влијанието на светилките во конгресната сала врз уредот.

Но, успеале да ископираат образец на вени користејќи фотографија снимена со SLR камера од која е отстранет филтерот за инфрацрвена светлина. Им биле потребни 15 минути за изработка на восочна рака на основа на снимени фотографии. Претходно постапката ја тестирале 30 дена, со повеќе од 2.500 фотографии.

Портпарол на „Фуџицу“ истакна дека такви резултати може да се добијат само во лабораториски услови и дека веројатно не би биле возможни во секојдневното користење.

Моментално ниеден паметен телефон во масовна продажба не користи препознавање на вени. Таа метода обично се употребува за проверка на идентитет при влез во чувани објекти.

Крислер досега повеќе пати успеа да измами разни облици на биометриска заштита. Така, на пример, во 2013 година тој успеа да го измами „Тач ИД“ на „Епл“ само 24 часа по претставувањето, а една година подоцна направи и модел од отпечатокот од прст на германската министерка за одбрана.

Исто така, тој посочи на бесбедносните недостатоци во скенирањето на шареницата од окото со користење на инфрацрвена фотографија и контактни леќи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија