Индустрискиот коноп сè повеќе се одгледува во Србија, а оваа година, првпат по неколку децении, таму ќе бидат засадени повеќе од илјада хектари со коноп.
Некогаш конопот масовно се одгледуваше како сировина за хартија, облека, градежен материјал... Со оглед на тоа дека содржи и одредено ниво на халуциногената супстанција ТХЦ, во зависност од видот, а поради заострените закони, конопот исчезна од нивите. Поради тоа што носи добра заработка и е многу благородно растение затоа што од него може да се направат многу производи, конопот денес полека се враќа, иако законските регулативи и понатаму се строги.
Јан Привизер од Кишац, Србија, прави околу 15 производи од индустриски коноп - од чај, протеин, сок, брашно, до патики од коноп.
- Конопот се враќа на нашите ниви, но по автоматизам делумно затоа што постои голем интерес за конопот во светот, а не поради нашите стратегии и делумно поради мистификацијата на самата билка и заблудите дека може секој да ја засади и да се збогати преку ноќ. Сепак, најважна причина е тоа што конопот му помага на човекот во секоја смисла - вели тој.
Фото: Pozitiv Media
Експертите велат дека може да се заработи од оваа билка. Просечните вложувања од 300 евра по хектар носат четирипати повеќе пари отколку конвенционалните култури, како пченка. Заработката само се зголемува со понатамошна преработка.
Како што наведува Маја Тимотијевиќ од здружението „Конопља“, од еден хектар се добиваат од 600 до 800 килограми зрно, кое се цеди и од него се добива масло, додека брашното и протеините се прават од остатоците. Килограм зрно коноп се движи од две до три евра. Така, може да има приход од 1.200 до 2.400 евра само од зрното. Тоа е четирипати поголема добивка од
вложеното.