X
 18.11.2016 Живот

Колку заработува Владимир Путин?

За разлика од Америка, каде претседателската плата е иста веќе 15 години, во Русија платата на шефот на државата постојано се менува.

 

путин


Така, во 2013 година, платата на претседателот Владимир Путин отприлика изнесувала 306.000 рубљи месечно (9.500 долари). За 12 месеци тој добил 3.672 милион рубљи (115.000 долари). Веќе следните години приходите значително се зголемиле и надминале 640.000 рубљи (16.000 долари) месечно или 7.7 милиони рубљи односно 193.000 долари годишно.

Сепак, во пролетта 2015 година, во контекст на скокот на националната валута, самиот Путин себеси си ја намалил платата за 10%, така што во 2015 година заработил 8.9 милиони рубљи (137.000 долари). Намалувањето на платите треба да се рефлектира во следниот извештај на тековната 2016 година.

Првиот човек во државата не заработува многу во однос на останатите кои работат во Кремљ.

„Искрено да кажам, дури и не знам колку изнесува мојата плата. Ми ја носат, јас уплаќам на сметката и не бројам“, изјавил во една прилика Путин.

Првиот претседател на Русија, Борис Елцин во 1997 година ги обврзал функционерите јавно да ги прикажуваат своите приходи, а тоа го направил и сам: во март 1998 година тој прв го предал извештајот. Елцин оценил дека неговиот имот и вкупните примања изнесуваат околу 1.950.324 рубљи (325.054 долари). Оваа бројка е добиена со собирање на платите, приходите од авторските права за книгата „Записи на претседателот“ и процентот од штедењето во Збербанци.

Денес историчарите поседуваат податоци за платите на советските лидери.

„Во декември 1947 година платата на Јосиф Сталин како претседател на Советот на министри изнесувала 10.000 рубљи. Но, не е јасно дали во оваа сума е пресметана негвата плата како секретар на Централниот комитет, а тука се уште 8.000 рубљи“, вели Олег Хлевњук кој го истражува сталинистичкиот период.

Покрај тоа, генералниот секретар би требало да добива и хонорари за милионските тиражи од неговите објавени дела. Познат е случајот кога Сталин во Грузија испратил голема сума на пари (40.000 рубљи).

За споредба: просечните годишни примања на советски граѓанин во тој период изнесувале околу 7.200 рубљи, а месечните околу 600 рубљи. Во 1950 година луѓето земале и помалку од 100 рубљи месечно во просек по глава на жител.

Хлевњук вели дека не треба да се обрнува внимание на официјалната плата на советските лидери. Без оглед на платата, милион рубљи се потрошени за одржување на нивните викендички, обезбедувањето и други работи.

„После 1947 година мојот татко понекогаш ќе ме запрашаше: Ти требаат пари? Јас на тоа секогаш одговарав дека не ми требаат“, пишува во своите мемоари ќерката на советскиот лидер Светлана Алилујева. „Немој да ме лажеш, кажи ми колку ти требаат?“, ѝ велел тој.

„Не знаев што да кажам, а тој не знаеше ни колку вредат тогашните пари, ни пак колку има. Тој живееше според неговото мислење пред револуцијата и сметаше дека 100 рубљи се многу пари. Понекогаш ми даваше 2.000 - 3.000. Не знаев дали ми дава за месец дена, за половина година или за две недели, а тој ми даваше како да ми дава милиони“.

„Целата негова плата секој месец пристигнуваше во пакети на неговата маса. Не знам ни дали имаше штедна книшка. Веројатно немаше. Ни самиот не трошеше пари бидејќи не ни имаше за што да ги троши. Се' што користеше во текот на денот и што му беше потребно - куќа, викендица, слуги, храна, облека - сето тоа го плаќаше државата“.

Олег Будњицки, доктор по историски науки потсетува дека „живите“ пари за овие високи функционери немале значење. Колку и да заработувал Ленин, било тешко да купи храна со тие пари бидејќи за брзо време ја губеле вредноста.

Во однос на овие функционери со парите сликовито зборува и дамнешниот случај кој му се случил на Елцин. Тој присуствувал на отворањето на ресторанот „Русское бистро“. Таму одбрал што да купи и отишол на каса. Но, во џебот немал пари, па му дал некој од неговите луѓе. Елцин некое време не можел да сфати колку треба да плати. Со молчење ги превртувал парите бидејќи се одвикнал од вакви ситуации. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот