X
 17.04.2017 Култура

Како еден поет, еден скулптор, доктор и филозоф ја откриле емпатијата

Емпатијата, состојба на духот која претставува јасна спротивност на симпатијата, е срцевина на моралноста на човековиот свет. Таа стана обележје на благородниот дух, темел на праведноста и пат кон достигнување на највисокиот човеков идеал – нашата суштинска хуманост.


Фото: Pixabay

Сепак, ваквиот концепт за емпатијата е стар повеќе од еден век, а неговите корени потекнуваат од уметноста. Во обидот да се разбере зошто и како уметноста дејствува врз човекот, во текот на првите години на 20. век, поимот емпатија влегол во модерниот лексикон како објаснување за мислечкиот чин на проектирање на поединецот во уметничкото дело.

Необичното пријателство меѓу поетот Рилке и скулпторот Роден

Во потрагата по учител и ментор, младиот Рилке, инспириран од Роден, патува во Париз за да пишува монографија за него.

И покрај возрасната разлика, не постоеле пречки меѓу нив да се развие големо пријателство. За почитта на Рилке кон Роден сведочи неговата книга „Писмата на младиот поет“.

Како и повеќето уметници, Роден и Рилке биле фокусирани на сопствениот развој и својата уметност. Постоела одредена хиерархија и разлика меѓу учителот и ученикот, а растел притисокот на масовната култура врз животот на поединецот.

Едно мислење што го споделувале скулпторот и поетот било во врска со повикот на уметникот – дека тој би требал да биде највозвишен и дека ниеден однос, ниедна обврска или семејството не би смееле да му застанат на патот.

Прашањето за тоа колку еден голем уметник би требало да го цени другиот уметник, да ги вреднува уметноста, семејството или пријателите, било прашање на емпатија, чувство кое ни Роден, ни Рилке, ни многу други уметници не можеле во целост да го почувствуваат, сè додека не го дефинирал еден филозоф на новата генерација.

Откривањето на емпатијата


Осмислувањето на овој поим било производ на соработката помеѓу германскиот доктор, Вилхелм Вунт, и филозофот Теодор Липс.

Липс поставил радикална хипотеза дека моќта на влијанието на уметноста врз нас не потекнува од уметничкото дело, туку дека ја создава набљудувачот во чинот на негово набљудување.

„Оној момент кога набљудувачот ќе ја препознае сликата како убава, таа еволуира од објект во уметничко дело. Па така, чинот на набљудување станува креативен процес, а самиот набљудувач – уметник.“

Липс го дефинирал она што Толстој го нарекувал „емотивна заразеност од уметнички дела“.

Емпатијата во уметноста


Емпатијата објаснува зошто луѓето понекогаш се губат во силно уметничко дело. Кога уметничкото дело е ефектно, тоа ги повлекува набљудувачите надвор од тактилниот свет, а набљудувачот го повлекува светот во себе.

„Емпатијата е она што прави црвената боја да изгледа како крвта што тече низ нашите вени и насликаното сино небо да ни ги наполни градите со чист воздух.“

Ако набљудуваме камен, мораме да почувствуваме дека и самите стануваме тој камен, да ја осетиме неговата тежина. Да се набљудува со емпатија значи да не се гледа само со очите, туку и со кожата и со целото свое битие.

Воодушевен од овој концепт, Рилке се пријавил на курс по естетика кај Липс. Верувал дека низ емпатијата, човекот може да се ослободи од осаменоста на сопствениот ум.

Денешното значење на емпатијата

Младиот професор, Сигмунд Фројд, сакал да ги надмине Липсовите истражувања на тој начин што им предложил на психоаналитичарите да ја прифатат емпатијата како средство и начин на разбирање на пациентите.

Иако настанала како поим што се поврзувал со набљудувањето на уметноста, емпатијата станала дел од популарната култура благодарение на психолозите.

Уметност на набљудување на суштината

Емпатијата го претставила постоењето на поединецот во друг облик и на друго место, и довела до заклучок дека ако сме способни да се видиме себеси во уметничкото дело, можеме да се видиме себеси и во друга личност, и обратно.

Чинот на набљудување не е само пасивно впивање информации, туку целокупно живописно спознавање. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура