X
 10.02.2020 Живот

„Bella Ciao“ - приказната за песната чиј рефрен сите го знаеме

Италијанецот Силвано Кулето во 1943 година отишол во партизани. Имал само 15 години. Иако многу негови сонародници ја одбрале другата страна, тој одлучил да биде антифашист.

За време на Втората светска војна под партизанското име Мирко тој се борел во ридиштата на границата меѓу Италија и Словенија. Посакал кога ќе умре, да биде кремиран, а пепелта да му биде расфрлана по брдата. Како во песната „Bella Ciao“.

Кулето починал во 2019 година, на 91-годишна возраст, и погребот му бил баш таков. Покрај тоа, фамилијата, соборците и истомислениците во хор му пееле - Бела чао.

Оља Маричиќ е внука на Кулето, која неодамна ја опиша таа сцена на која присуствувале и оние што не го познавале Силвано.

- Ситуацијата која не е ни малку убава стана многу убава. Сѐ ти е грозно и страшно, а повторно имаш неверојатно чувство на гордост. Како во песната, неговата пепелта е растурена по стрмините на Алпите - во близина на границата каде што е Италија, а веќе се гледа Словенија. Неговата група се борела баш тука - вели Маричиќ.

Ги надживеа партизаните

Во што е тајната на песната „Bella Ciao“, која со децении претставува химна на левичарското движење?

Во оваа италијанска народна песна партизан се поздравува со девојката бидејќи дошол окупаторот и тој мора да оди во војна. Ја моли кога ќе дојде тој ден, да го погреба така што да се знае дека животот го дал за борбата за слобода - пепелта да ја истури на ридиштата, од каде што ќе никне цвет.

- Ние таа песна со задоволство и многу често ја пееме - вели Александар Бањанац, генерален секретар на Новата комунистичка партија на Југославија.

Како чувари на антифашистичкото наследство, ја пуштаат и ја пеат во оригинал.

- Минимумот италијански кој секој антифашист мора да го знае е текстот на песната „Bella Ciao“ - додава Бањанац.

Музикологот Дарио Марушиќ истакнува дека оваа песна го надживеала партизанското движење бидејќи зборува за универзалната борба против окупаторот и неправдата.

Антифашистичката химна стекнала светска слава во 60-тите години, за време на студентските протести во 1968 година, но настанала во сосема поразличен амбиент. Сепак, таа постои веќе цел век.

Песна со два текста

Со малку поразличен текст од оној што денес го знаеме, оваа песна на почетокот од 20 век ја пееле Италијанките додека свиени газеле по мочурливите полиња во долината на реката По.

- Оригиналната верзија настанала некаде во околината на Милано. Зборува за девојка која станува наутро и работи по цел ден за господин кој ја искористува - објаснува Марушиќ.

Се вика „Bela ćao de la mandine“ и уште оттогаш е симбол за борбата за работнички права.

Подоцна, кон средината на Втората светска војна, партизаните ѝ го менуваат текстот и настанува верзијата што денес ја знаеме.

- Со текот на времето станала интернационален симбол на целата лева страна од политичкиот спектар - вели Марушиќ.

Малку љубовна, повеќе феминистичка


Покрај името „Убавице, здраво“, оваа песна ретко ја пееле заљубените додека се разделувале.

- Не знам дали некогаш ѝ била испеана на некоја девојка, можеби да, но знам дека италијанските феминистки ја користеле како химна бидејќи во таа прва верзија жената е главниот протагонист и пее за нејзината борба - вели Марушиќ.

Бањанац вели дека знаел да ја запее и додека се додворувал.

- Одразува херојска, инспиративна, речиси митска приказна за револуционерната борба, а истовремено тоа е и љубовна приказна. Затоа е толку величествена. Им ја имам пеено на девојки, како и голем број други песни со слична тематика - вели тој.

За различни пригоди

Ја свиреле многу музичари во светот - од хорови до Ману Чао, а на просторите на поранешна Југославија нов живот ѝ дадоа панк-обработките на бендовите КУД Идијоти и Гоблини, како и изведбата на Горан Бреговиќ.



Со оваа песна е погребана и некогашната прва дама на Југославија - Јованка Броз.

Песната е користена како филмска музика за југословенскиот филм „Мост“ од 1969 година.

Се пее меѓу навивачите, разни клубови, но и понатаму е нераскинлив дел од фолклорот на политичките собири.

Италијанскиот свештеник дон Андреа Гало во 2012 година ја изведе песната за време на служба во црква во Џенова.

Каде е антифашизмот денес?

Оља Маричиќ, чиј дедо бил антифашист 75 години, вели дека порано целата таа партизанска приказна ѝ била досадна. Таа била последната генерација Титови пионери на училиште и имала многу сликовници со тие мотиви. Меѓутоа, со текот на времето го сменила мислењето.

- Додека бевме на погреб опкружени со тие луѓе, беше убаво да се види дека тие сѐ уште веруваат во тие идеи. Истовремено се запрашуваш каде е антифашизмот денес. Доаѓаш во некои години и сфаќаш дека сето тоа има вредност - вели Маричиќ.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот