Во Јужна Кореја наставниците кои предаваат математика, јазици или општествени науки можат да очекуваат пари и слава како популарните пеачи, актери или спортисти. Тие остваруваат милионски приходи на своите конта и стануваат вистински ѕвезди од часовите што ги држат преку интернет и од едукативните емисии на телевизија. Таква популарност им овозможува традиционалниот систем на вредности во државата и општественото уредување кои налагаат квалитетно образование како апсолутен предуслов за успех и добар општествен статус на поединецот.
Фото: Freepik
Ча Гил Јон е наставник по математика кој држи часови преку интернет од 2000 година, а неговите објаснувања на задачите од алгебра и геометрија во живо редовно ги следат просечно по 300.000 ученици. Овој екстравагантен наставник кој е познат по своите настапи облечен во необични маски и костими, со уште почудни капи на главата, преку едукативниот канал
Севен еду, годишно инкасира по речиси осум милиони долари од своите предавања и рекламниот простор што го нуди на каналот. Тој држи предавања по математика кои се дел од дополнителните часови кои јужнокорејските ученици ги земаат како подготовка за полагање на приемен испит за запишување на факултет.
Сличен е примерот и на
Квон Кју Хо, 33-годишен наставник по книжевност, кој и самиот е познато ТВ-лице, а својот успех, како што самиот истакнува, е резултат на неговата способност да идентификува прашања кои се проблематични за учениците на приемните испити.
Меѓу јужнокорејските наставници- богаташи, како веројатно најупешен треба да се издвои 56-годишниот
Сон Џу Ун, основачот на образовниот веб-сајт
Мега Стади, кој нуди часови и видео-предавања по предметите корејски јазик, книжевност, математика и англиски јазик, кои се задолжителни на приемните испити на универзитетите, но и стручни предмети од областите медицина, природните и техничките науки. Тој ја почнал својата кариера како обичен наставник по географија, историја и општество во училиште за дополнителна настава, а својата приватна компанија ја регистрирал во 2000 година кога го покренал овој популарен едукативен сајт. Неговата компанија „Косдак“ во 2011 година имала приход од 240 милиони долари.
Меѓу јужнокорејските наставници кои можат да се пофалат со слава и високо конто во банка, најчесто се оние кои тој општествен и економски статус му го должат на настапите на телевизискиот канал ЕБС, што е посветен на образованието и емитува емисии кои функционираат како дополнителна настава. Основач на тој канал е државната телевизија КБС и истиот има за цел не само да ги едуцира учениците туку и да им се намалат трошоците на семејствата кои ги издвојуваат за образование на младите поколенија.
Во Јужна Кореја, како и во другите земји со силно конфучијанско влијание, традиционално постои
култ кон образованието, каде на знаењето и запишувањето во угледни школи не се гледа само како на средство за постигнување на материјален успех и како на предуслов за лично усовршување, туку и како на еден вид доказ за карактерната вредност на поединецот и целото негово семејство.
Заради ова, оние кои формално најмногу постигнале кога станува збор за
образованието, односно професорите и научниците, уживаат голема почит и висок општествен статус во оваа земја.