X
 15.06.2020 Образование

Србија плаче за наставници. Само по математика им недостигаат 700 предавачи

Србија се соочува со недостиг на професорски кадар. Само за математика недостигаат 700 наставници. Нема доволно професори ни по информатика ни по јазик. Според српските медиуми, проблемот е во тоа што професијата професор го загубила општествениот углед што некогаш го имала. Решението, според надлежните таму, меѓу другото, би било и во стипендирањето на студентите што се школуваат за таа професија, како и поголеми плати.

Младите Срби сѐ поретко одлучуваат да останат зад катедрата. Пред пет години за професори на Математичкиот факултет во Србија се пријавиле 110 кандидати, додека минатата година само 20.

Дефицитарни се и професорите по јазик, пред сѐ, по германски. Националната катедра во Србија минатата година не ги пополнила ни буџетските места.

- Тоа некогаш беше престижно занимање, на пример, пред Втората светска војна, а сега за професор на нашиот факултет практично се одлучуваат оние што нема да успеат во нешто друго, значи, тоа им е последна опција - вели деканот на Математичкиот факултет при Универзитетот во Белград, Зоран Ракиќ.

Лилјана Марковиќ, в.д. декан на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Белград, истакнува дека мора да се нагласи општествениот статус на професорите.

- Во една земја што многу го негува образованието, како што е Јапонија, учителот во основно училиште има иста плата како професор на факултет - вели таа.

Проблемот бил уочен пред неколку години. Но, за решение не е доволен само ентузијазам, туку се неопходни и конкретни мерки, оценуваат тамошните експерти.

- Прво, поттикнувајќи ги најдобрите студенти да се пријават на студии каде што ќе станат едукатори, а од друга страна, со соодветни финансиски поттикнувања да се привлечат луѓе да работат на тие места. Веројатно би помогнало доколку се зголеми бројот на стипендиите со кои би се поддржале студентите до наставнички позиции. Исто така, да им се даде поддршка на наставничките факултети - вели ректорот на Универзитетот во Белград, Иванка Поповиќ.

На основците и на средношколците во Србија минатата година им предавале нешто повеќе од 80.000 наставници. Затоа синдикатите предупредуваат дека има недостиг на кадар.

Претседателката на Синдикатот за образование во Србија, Валентина Илиќ, вели дека треба да се постави одредено ниво, така што мајка и татко што работат во училиште да можат да ја издржуваат својата фамилија.

- Со универзитетите правиме договор за правење кратки циклуси. Значи, во меѓувреме во системот влегоа многу луѓе што се од приближни струки, т.е. работеа машински инженери, кои имаат доста семестри по математика, физика и стекнале компентенции за време на праксата. Низ тие циклуси ние сакаме да им ја официјализираме таа можност и да го намалиме тој број - вели министерот за образование, наука и технолошки развој на Србија, Младен Шарчевиќ.

Моментална мерка е стипендијата што се дава за дефицитарните струки и предноста во домовите, а долгорочна, според министерот, би била поголемата заработувачка за професорите.

Извор: Blic
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование