X
 06.04.2021 Живот

Ја нарекувале Тифусната Мери: Ширела смртоносна болест без да има симптоми

Мери Мелон, која го добила прекарот Тифусната Мери, е најпознатиот нулта-пациент одговорен за појава на епидемија на тифусна треска во Њујорк, во 1906 година.

По потекло од Ирска, Мелон емигрирала во САД, каде што работела кај богаташи како готвачка.

Од 1900 до 1907 година, Мери работела како готвачка за 7 семејства. Работела во Мамаронек, каде што во рок од 2 недели по нејзиното вработување луѓето добиле тифусна треска. Подоцна таа се преселила на Менхетн, каде што членовите на семејството за кое работела развиле треска и дијареја, а газдарицата починала. Болеста ја следела насекаде: во семејството на адвокат, каде што седум лица се разболеле, а во друга куќа 10 од 11-те луѓе што живееле таму добиле тифусна треска. Мери помагала во грижа за болните луѓе не знаејќи дека ги прави работите уште полоши. Почнала да работи со уште 3 семејства, но ситуацијата постојано се повторувала.

Мери се соочила со проблеми и во куќата на Чарлс Ворен, богат њујоршки банкар. Ворен изнајмил куќа во Ојстер Беј, недалеку од Сагаморе Хил на Теодор Рузвелт. Тој ја однел Мери таму.

Кога уште 6 луѓе добиле тифусна треска, заедницата била шокирана. Болеста во тоа време била честа во Ојстер Беј, бидејќи се сметала за болест на сиромашните квартови и сиромаштијата. Сопственикот на куќата се плашел дека повеќе нема да може да ја изнајми и затоа го изнајмил истражувачот Џорџ Сопер за да го испита случајот.

Сопер го истражувал системот за водоснабдување и ги проучувал школките што биле послужени за вечера и заклучил дека ништо не можело да предизвика болест. Тоа го натерало да почне да размислува дека Мери можеби е извор на појавата. Сепак, бидејќи високите температури неопходни за готвење на храната би ги убиле бактериите, Сопер не можел да најде докази што би биле убедливи. Тој го нашол одговорот во еден од најпопуларните десерти на Мери, сладолед со свежи праски.

meri
Фото: Wikipedia

Во тоа време тоа било сензационално откритие бидејќи никој не знаел дека здраво лице може да биде извор на заразата. За да се осигури дека е во право и да спречи понатамошно ширење на инфекцијата, тој се обидел да ја пронајде жената.

Мери секогаш ги менувала нејзините работодавци, не оставајќи никаква адреса зад себе, па било навистина тешко да ја најде. Џорџ успеал да го направи тоа по втората смрт на млада жена од богато семејство.

Кога Џорџ се обидел да ја убеди Мери да направи тестови, таа го нападнала со виљушка. Вториот пат кога дошол со лекар, исто така бил насилно одбиен. Затоа третиот пат одлучил да дојде со 5 полицајци и принудно да ја однесе Мери.

Биле земени примероци и биле испитани, па кај Мери биле пронајдени тифусни бактерии. За време на сослушувањето било откриено дека Мери немала навика да ги мие рацете пред да готви бидејќи мислела дека тоа не е толку важно.

Мери поминала 3 години на островот Северен Брат и била пуштена откако потпишала договор дека никогаш повеќе нема да биде готвачка. Мери се согласила. По ослободувањето почнала да пере облека, но тоа било многу помалку платено. Затоа си го променила името и повторно почнала да работи како готвачка. 5 години ја ширела болеста, сѐ додека не завршила во болница за породување. Таму заразила 25 лица, од кои 2 починале.

Измамата била откриена и Мери повторно завршила во притвор.

Последниот карантин на островот Север Брат траел 23 години, до нејзината смрт. Ѝ било дозволено да работи како медицинска сестра и да ги мие цевките за тестирање во болница со туберкулозни пациенти.

Во 1938 година Мери починала, и тоа не од тифус, туку од пневмонија. За време на карантинот таа станала славна личност, па честопати ја посетувале новинари кои ѝ го дале прекарот Тифусната Мери. Но, на новинарите им било забрането да земат чаша вода од неа.

Бидејќи често ги менувала домовите и имињата, не се знае точно колку жртви имала и дали била свесна за своите постапки. Многу извори тврдат дека таа заразила околу 53 луѓе. Но, според белешките на Џорџ, таа заразила 122 лица, а 5 лица починале.

Подоцна било откриено дека таа била здрав носител - лице кое ја носи бактеријата, но нема никакви симптоми на болеста, па затоа и полесно им ја пренесува инфекцијата на другите.

Постојат сè повеќе докази дека некои луѓе поефикасно го шират вирусот, а случајот со Мери Мелон е првиот регистриран случај за таква личност што се нарекува и суперносач.

Во тоа време, неколку илјади жители на Њујорк биле заразени со тифус, а стапката на смртност била 10 отсто.

И поимот „нулта пациент“ со себе носи стигма. Голем број лекари се против идентификување на првиот документиран случај на инфекција, стравувајќи дека тоа може да резултира со дезинформации за болеста или виктимизација на одредена личност.



Извор: 6yka.com
Фото: The New York American
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот