X
 13.03.2020 Здравје

Приватни авиони и бункери - вака богатите се заштитуваат од коронавирусот

Домашната изолација за најбогатите луѓе значи тестирање за коронавирусот надвор од државата, лична медицинска услуга и скриен карантин.

Како и илјадници луѓе низ светот, и богатите се подготвуваат за изолација поради ширењето на коронавирусот. Но, нивните планови не вклучуваат купување тестенини и тоалетна хартија. Тие изнајмуваат приватни авиони и се кријат во своите викендици или специјално подготвени бункери во земји во кои вирусот не е многу проширен.


Фото: Pixabay

Многумина со себе земаат лични лекари и медицински сестри во случај да бидат заразени. Богатите, исто така, бараат и приватно тестирање за коронавирусот. Марк Али, извршен директор на приватна клиника во Лондон, вели дека болницата имала многу барања од богати луѓе за приватно да се тестираат бидејќи правилата наложуваат тестирање само на лица што имаат симптоми или биле во контакт со заразено лице. Освен тоа, сите тестирања во Велика Британија се прават во државните институции.

Сепак, вработен во друга приватна клиника открил дека болницата во која работи им помага на клиентите да се тестираат во други земји или ги испраќа нивните примероци на тестирање во странство. Али вели дека клиниката им нуди на богатите инфузии со витамини и минерали за да го подобрат нивниот имунолошки систем. Третманот чини 350 фунти.


Фото: Pixabay

Адам Твидел, извршен директор на компанијата за резервации на приватни авиони „Прајвет флај“, изјавил дека фирмата забележала пораст во резервациите бидејќи богатите луѓе се евакуираат од земјите во кои ризикот за ширење на вирусот е голем. Некои богати клиенти летаат надвор од својата земја за да го одбегнат потенцијалниот карантин на целата држава, како во Италија.

Помалку богатите луѓе што патуваат, а не може да дозволат летање со приватен авион, бараат специјални услуги на аеродромите, како приватни терминали со простории за чекање.

Роберт Висино, основач и извршен директор на „Вивос“, американска компанија која гради подземни засолништа дизајнирани да издржат национални несреќи и катастрофи, изјавил дека се зголемени барањата за засолништа откако се појави кризата.

Автор: Руперт Нит
Извор: Theguardian.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје