X
 18.04.2020 Наша тема

Проф. д-р Зоран Матевски: Ќе се направи огромна грешка ако вечерва се апсат, приведуваат или казнуваат верници

Црквата и државата треба да се договорат околу ова прашање, како што впрочем се договараат и за сè друго

„За најголемиот христијански празник Велигден верниците треба да останат во своите домови затоа што тоа го налагаат моменталните услови. Има една идеја во протестантизмот дека Господ најмногу се сака, почитува и слави во срцата на верниците. Така Велигден може достоинствено да се прослави во своите домови со најблиските“, вели за Факултети.мк проф. д-р Зоран Матевски, раководител на Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје. Со него разговараме за епидемиите низ историјата, дали поради болестите биле затворани храмовите, како овој вонреден Велигден ќе се одрази на верниците во нашата земја.


Проф. д-р Зоран Матевски

Годинава православните христијани ќе го прослават Велигден во карантин. Памети ли поновата историја на религијата некоја слична ситуација?

- Главно црквите работеле за време на големите епидемии на чума, црната смрт, колерата или големите сипаници кои одзеле голем број животи. На пример, во православието, руските православни цркви биле секогаш отворени во текот на најтешките епидемии и ги повикувале верниците во православните храмови на молитва и причест. Ова генерално важи и за другите православни цркви, кои исто така организирале литии со своите верници во градовите, каде што со молитва се обидувале да ги надминат епидемиите. Во православното христијанство се сметало дека единствено преку непрестајни молитви, пост, исповед и причест можат да се победат епидемиите.

За разлика од ова, Католичката црква имала друг пристап. Таа сметала дека сите епидемии се Божја казна за лошото однесување на луѓето кои не ги почитувале религиските норми и вредности. Во време на овие епидемии се зајакнувала и инквизицијата, при што биле палени сите оние за кои се сметало дека се носители на злото. Интересно е да се спомене дека за време на епидемијата на чумата во 14 век биле убивани мачките (особено црните), за кои се сметало дека се реинкарнација на сатаната. Но, како и да е, католичките цркви работеле и ги одржувале своите миси. Католичките свештеници секогаш помагале во лекувањето на болните и давањето на последната исповед пред смрт. На пример, за време на епидемијата на чума 40 отсто од свештенството го изгубиле својот живот.

Македонија е земја во која најголем процент од граѓаните ѝ припаѓаат токму на оваа вероисповед. Станува збор за еден од најголемите празници, специфично се одбележува, традиција е верниците да го дочекаат надвор на полноќ. Како очекувате вонредната состојба да се одрази врз населението?

- Најголемиот дел од православните верници во нашата земја се традиционални верници (околу 70%). Тоа се верници што веруваат во Бог, но не ја прочитале Библијата, не одат на литургии барем еднаш месечно, не се исповедаат и не се причестуваат. Тие главно одат во црква трипати во годината, на Велигден, на Божиќ и на денот на светителот на нивната куќна слава. Тие, според мене, не губат ништо зашто со тоа што ќе отидат пред црква, ќе запалат свеќа и таму ќе поминат еден час со пријателите не направиле ништо во однос на религијата на која ѝ припаѓаат само номинално. Добар дел од нив потоа ќе отидат во некое кафуле на понекоја пијачка и кафе. За разлика од традиционалните верници (од кои повеќето се христијани по припаѓање, а не по верување), постојат и убедени верници (некаде околу 25%). Тие ја прочитале Библијата, одат на литургија, се исповедаат и се причестуваат. Ова се верниците што единствено губат со мерките на Владата поради пандемијата од Ковид-19. За разлика од другите што по опходот на црквата си одат дома, тие влегуваат назад во црквата и присуствуваат на полноќната велигденска литургија, која по својот колорит и концепција е најубава од сите други литургии во годината. И она што е најважно - се причестуваат, со што го примаат телото и крвта Христова. Тие веруваат дека причеста лекува од болести, а никако не може да биде нејзин причинител. Затоа и се смета дека православните христијански цркви без причеста ја губат својата суштина и душа.


Црквата во Македонска Каменица

За разлика од минатото, денес црквите се осовременуваат и се во согласност со духот со времето. Поради тоа, најголемиот дел од нив излегоа со соопштение дека богослужбите ќе се одвиваат без верници. Најригорозна во тој дел беше Католичката црква, секаде во светот богослужбите беа присутни во медиумите или на интернет. Таков е случајот и со најголемиот дел на православните цркви, на пример Руската и Грчката православна црква. Мислам дека Синодот на МПЦ-ОА треба да го следи примерот на овие цркви, кои јасно и експлицитно излегоа со порака дека оваа година велигденските литургии ќе бидат без верници. Ова кај нас го направија само Бигорскиот машки манастир и женскиот манастир во Рајчица. Ставот на МПЦ-ОА не е докрај експлицитен со идејата дека ќе се дозволуваат индивидуални молитви. Затоа, впрочем, се најавува и присуство на полиција пред православните храмови за да се спречи поголемо собирање на верниците. Сепак, сметам дека ќе се направи огромна грешка ако се апсат и приведуваат верници, или ако се казнуваат парично. Поради ова, црквата и државата треба да се договорат околу ова прашање, како што впрочем се договараат и за сè друго. 

Што покажуваат искуствата, дали вакви состојби ја зајакнуваат или ја ослабнуваат верата кај луѓето?

- Резултатите од научните истражувања во рамките на социологијата на религијата насекаде во светот недвосмислено покажуваат дека во време на биолошки, општествени и егзистенционални кризи се зголемува интензитетот на религиозност. Тоа значи дека во моменти кога некој лично, или некој близок член од неговото семејство, ќе се соочи со смртта или со тешки и неизлечиви болести, станува верник иако претходно не бил. Или од традиционален или колеблив тип преминува во убеден тип на верник. Ова се случува поради психолошката функција на религијата, која го надминува стравот од смртта и тешките болести. Во секоја религија постои идејата за живот по смртта. Верникот верува во ова и смета дека смртта е само врата преку која се поминува од една во друга форма на живот. Верникот единствено има проблем како ќе ја дочека смртта, поради идејата за рајот и пеколот.



Лично сметам дека по оваа пандемија ќе се зголеми интензитетот на религиозноста и ќе се промени типологијата на религиозноста во Р. Северна Македонија. Но ова ќе го покажат резултатите од истражувањата кои планираме да ги направиме во рамките на Центарот за интеркултурни студии и истражување при Филозофскиот факултет во Скопје. Да заклучам со пораката дека верниците треба да останат во своите домови за време на најголемиот христијански празник затоа што тоа го налагаат моменталните услови. На крајот на краиштата, има една идеја во протестантизмот дека Господ најмногу се сака, почитува и слави во срцата на верниците. Така што Велигден може достоинствено да се прослави во своите домови со најблиските. Исто така, сметам дека овие мерки на Владата треба да продолжат најмалку уште две недели, особено за време на првомајските празници, за да не се сфати ова како атак кон верниците.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема