X
 06.05.2019 Образование

Започна дванаесетото издание на ЛИДЕР проект: Врвна програма за бизнис и претприемништво

Денеска започна дванаесетото издание на ЛИДЕР проект, во организација на Македонија 2025, кое ќе трае десет работни денови. Врвни инструктори од познатата бизнис-школа Ричард Ајви при Универзитетот од Канада, ќе им го пренесат своето богато меѓународно искуство и лидерски вештини на околу 40 тековни и просперитетни претприемачи од земјава.

Обуката е градена според МБА програмата на школата Ричард Ајви и вклучува пренесување на широк распон на знаења како подготовка и оценување на изводливост на бизнис план, развивање стратегии, брендирање на производ, маркетинг, финансирање, управување со човечки ресурси итн. Истатa се изведува практично, преку интерактивна анализа на уникатни студии на случај и развој на сопствени бизнис планови, со можност за дополнително индивидуално менторство.

„Интересот од година во година е сè поголем од страна на претприемачите кои сакаат да се стекнат со нови знаења, кои подоцна ќе ги имплементираат во своите постоечки или новоосновани бизниси. Со над 400 алумни и со проширување на соработката со други организации од регионот, ЛИДЕР проектот стана една од највлијателните обуки за бизнис вештини во земјата.“ – објаснува проф. д-р. Никица Мојсоска Блажевски, Главен извршен директор на Македонија 2025, која денеска официјално ја отвори програмата.
Главната цел на ЛИДЕР проектот е на талентираните македонски претприемачи да им помогне да ги претворат своите идеи во успешни бизниси, а со тоа да придонесе и за зголемен развој на економијата воопшто.
ЛИДЕР проектот е овозможен благодарение на соработката помеѓу Македонија2025, канадската бизнис-школа Ричард Ајви и Амбасадата на Канада во Србија, Северна Македонија и Црна Гора.

За Македонија2025
Македонија2025 е меѓународна, независна, непартиска, непрофитна организација. Остануваме посветени на нашата мисија да помогнеме во создавањето на просперитетна економска клима во земјата и „посилна нација”, која ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори. Промовираме одржлив економски раст преку поттикнување на конкурентноста, претприемништвото, иновациите и лидерството базирано на вредности.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование