Студенти и професори од Факултетот за информатички и комуникациски технологии, единица на УКЛО, во соработка со компанијата МИКРОДЕЛ, реализираа иновативен проект за промоција на Факултетот и Универзитетот со примена на холограмска технологија.
Станува збор за современ и атрактивен начин на промоција, концепт што е меѓу првите примери на примена на холограмска технологија за претставување на една високообразовна институција чиј иницијатор е професорот Никола Рендевски. Проектот претставува успешен пример за соработка помеѓу академската заедница и реалниот сектор, во која студентите активно учествуваат во развојот на реални технолошки решенија, стекнувајќи практични знаења и искуства уште за време на студирањето.
Според Валентин Стојановски, еден од дваесеттината студентите вклучени во проектот - учеството во развојот на холограмската промоција е одлична можност стекнатите знаења од наставата да ги примениме во реален проект. Работата со професорите и со инженерите од МИКРОДЕЛ ни овозможи да стекнеме практично искуство, да развиеме нови вештини и да видиме како изгледа процесот на создавање иновативно технолошко решение.
Холограмот на ФИКТ, во кој се претставени студенти и професори е уште еден чекор кон современа, креативна и технолошки авангардна промоција на Факултетот, смета деканот на ФИКТ, проф. д-р Благој Ристевски. Тој истакнува дека Факултетот континуирано инвестира во современи технологии и иновативни пристапи во наставата, истражувањето и промоцијата. Ова е пример како соработката меѓу ФИКТ и компаниите може да резултира со креативни и современи решенија, кои ја зајакнуваат препознатливоста на ФИКТ и УКЛО, ја доближуваат информатичката професија и создаваат инспиративна средина за идните генерации студенти.
Успешнотo поврзување меѓу академијата и МИКРОДЕЛ е меѓу партнерствата што се препознаваат како клучен двигател за создавање и унапредување на нови вредности преку размена на знаење, практично искуство и заеднички развој на иновативни решенија. Со оваа иницијатива, МИКРОДЕЛ уште еднаш покажува дека знаењето, технологијата и визијата создадени од Битола можат да имаат светски карактер.
Технологијата сама по себе не е иднината, иднината е во луѓето кои знаат да ја искористат за да создадат нешто ново. Нашата цел не беше само да поставиме еден уред на Широк Сокак, туку да поставиме идеја дека и од Битола можат да тргнат решенија кои ќе изгледаат природно и во најсовремените светски средини. Ако некогаш велевме дека светот доаѓа кај нас, сега можеме да кажеме дека и ние испраќаме дел од нашата визија кон светот, вели Димче Поповски.
За современата промоција со особено задоволство зборува и ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, кој истакнува дека проектот е резултат на заедничката работа на студентите, професорите и компанијата МИКРОДЕЛ. - Ваквите иницијативи се доказ дека Универзитетот успешно ги поврзува науката, образованието и стопанството во создавање современи решенија со реална примена. Информиран сум дека станува збор за прва ваква имплементација во Македонија, што претставува значајна придобивка и потврда за развојниот и технолошкиот потенцијал на УКЛО. Ја користам оваа прилика да упатам искрена благодарност до компанијата МИКРОДЕЛ, до професорите, студентите и сите кои придонесоа за успешната реализација на овој проект.
Инаку, со оваа авангардна промотивна активност, ФИКТ и УКЛО уште еднаш ја потврдуваат својата определба за развој на современо, иновативно и практично ориентирано високо образование, во кое студентите, професорите и стопанството заеднички создаваат решенија со суштински придобивки што придонесуваат за дигиталната трансформација и развојот на општеството.
(Комерцијална објава)