Оние кои имале блиска средба со смртта често имаат необични искуства, како гледање светлина на крајот од тунел, лебдење надвор од телото, средба со починати лица или сеќавање на сите најголеми настани во својот живот.
Во ново истражување, научници од Универзитетот во Мичиген откриле доказ за зголемена мозочна активност поврзана со свеста при умирањето на двајца пациенти. Научниците набљудувале податоци од четири поранешни пациенти кои починале од срцев удар додека била следена нивната мозочна активност. Пациентите паднале во кома и потоа биле исклучени од машини кои ги одржувале во живот откако било заклучено дека не може да им се помогне медицински.
Кога биле исклучени од машините, биле забележани забрзано срцебиење и зголемена мозочна активност кај две пациентки. Мозочната активност била во деловите кои се поврзуваат со промена во свеста.
- Доколку овој дел се осветлува, тоа значи дека пациентот гледа нешто, може да слушне нешто или може да почувствува нешто на телото - објаснил Џимо Борџигин, еден од авторите на истражувањето.
Не е јасно зошто само две пациентки ги искусиле знаците на скриена свест. Освен тоа, не може да се потврди дека пациентите навистина гледале нешто.
Извор:
Phys
Насловна фотографија: Pixabay