Новата финска влада вети дека ќе ја направи земјата јаглерод-неутрална најдоцна до 2035 година, што е една од најбрзите цели поставени во светот.
Во договорот на коалицијата новата влада соопшти дека ќе се посвети на реформирање на Финска и на климатската политика на Европа за да се ограничи глобалното просечно зголемување на температурата на 1,5 Целзиусов степен.
Новиот премиер Анти Рине изјави дека е време да се инвестира во иднината.
Новата цел е компромис меѓу петте партии што ја сочинуваат новата влада на Финска, вклучувајќи ги и социјалдемократите, зелените и Партија на центарот.
Фото: Getty Images
Во симболичен чин, членовите на новоформираниот кабинет го искористиле трамвајот за да стигнат до јавната библиотека каде што се одржувала прес-конференцијата.
Во 2016 година и Норвешка се согласи да ги намали емисиите на нула до 2030 година - 20 години порано од претходниот рок.
Еколозите од цела Финска го пофалија договорот на коалицијата, иако велат дека сè уште има многу работа.
- Луѓето бараат побрза акција за решавање на климатските промени и тоа е она што ќе го направиме - изјави Сини Харики од „Гринпис Нордик“.
- Изградбата на првото светско одржливо општество без фосилни горива ќе бара многу повеќе од убави зборови на хартија, но решени сме да го направиме тоа - додава таа.
Таа вели дека сечењето дрвја и користењето јаглен како извор на енергија се главните предизвици за исполнување на целите. Фосилните горива и јагленот сочинуваат околу 40 отсто од енергетската потрошувачка во Финска, а обновливите извори на енергија околу 37 отсто.
Според „Климатски барометар“, истражување спроведено пред изборите во Финска, околу 80 отсто од Финците веруваат дека е неопходна итна акција за ублажување на климатските промени, а 70 отсто сметаат дека идната влада треба да направи повеќе за справување со овој проблем.
Новиот коалициски договор исто така предвидува пораст на трошоците за социјална помош и инфраструктура и обид за зголемување на вработеноста. За да се финансира зголеменото трошење, владата планира да ги зголеми даноците за 730 милиони евра. Во договорот
Финска даде ветување дека ќе ја натера и ЕУ да ги доведе емисиите до нула пред 2050 година.