Нашите чувства се менуваат секој час додека на нашите паметни телефони играме игри како „Кенди краш сага“, „Фортнајт“ и „Амонг ас“, така што психолозите откриле дека им даваат одлична можност да соберат подетални информации за комплексноста на среќата.
Среќата е навистина комплицирана. Брзо се менува и за секого е нешто различно, па научниците не успеваат да сфатат. Сите би сакале да бидеме посреќни, но не сме сигурни како да ја постигнеме таа цел. Советите се многубројни и се однесуваат на сите сфери на животот: квалитетен сон, медитација, физичка активност, повеќе време со семејството и пријателите итн. Иако сите горенаведени работи се поврзани со среќата, тие не се универзални за секоја личност.
Во еден од обидите да се утврди што влијае врз луѓето да се чувствуваат среќни и да ја откријат „тајната формула на среќата“, преку необичен метод научниците се обидоа да добијат поцелосен увид во тоа што ги прави среќни луѓето и што претставува среќата за нив.
Анкетите и прашалниците се покажаа како прилично несигурни инструменти за оваа намена, па истражувачите се свртеа кон паметните телефони кои сите ги користиме речиси нонстоп.
Исто така, вообичаено е верувањето дека паметните телефони нè прават сè понезадоволни, но, меѓу другото, многумина од нас ги користат своите уреди за да играат популарни игри како „Кенди краш сага“, „Фортнајт“ или „Амонг ас“. Нашите чувства се менуваат секој час додека ги играме овие игри, па психолозите откриле дека им даваат одлична можност да соберат подетални информации за комплексноста на среќата.
Така, тие лансираа апликација за паметни телефони наречена „Проект за среќа“, во која корисниците можат да играат една од четирите игри за помалку од пет минути и да придонесат за истражување на среќата. Над илјада играчи по одиграната игра одговорија на прашањето: „Колку си среќен во моментот?“ Добиените резултати посочија неколку фактори што влијаат врз нашето чувство на среќа.
Фото: Freepik
Очекувања
Психолозите успеаја да утврдат дека очекувањата се многу важни кога зборуваме за среќа. Кај 18.420 луѓе што играле едноставна игра на своите телефони се покажало дека нивното чувство на среќа не зависи од тоа колку биле успешни во играта, туку од тоа дали се справуваат подобро отколку што очекувале.
Истражувањата покажале дека големите очекувања можат да бидат проблем. Јасно е дека не е добро да му кажете на пријател колку ќе му се допадне подарокот што му го купивте. Бидејќи намалените очекувања во моментот кога ќе го отвори подарок ја зголемуваат веројатноста дека ќе биде пријатно изненаден и среќен.
Сепак, проблемот со користењето на овој трик за „хакирање“ на нашето сопствено чувство на среќа е што очекувањата за идните настани, исто така, влијаат врз среќата.
Ако сте планирале да се сретнете со вашите пријатели по работа, ќе бидете разочарани ако во последен момент откажат. Но, очекувањето дека пријателите ќе откажат нема да направи да се чувствувате подобро - затоа што ја очекувате средбата со пријателите, ќе бидете среќни цел ден, дури и ако постои одреден ризик работите да не одат според планот.
Постои уште една причина зошто е тешко да ја „хакирате“ вашата среќа. Очекувањата се многу важни за донесување одлуки. Ако секогаш го очекуваме најлошото, тешко е да се направи вистинскиот избор. Кога работите одат подобро отколку што очекувавме, нашиот мозок ќе ги искористи тие информации за да го подигне прагот на очекување за да можеме да донесеме подобри одлуки во иднина. Се разбира, најдобри се реалните очекувања.
Всушност, среќата е тесно поврзана со она што психолозите го опишуваат како „грешка при предвидување на наградата“. Зголемувањето на платата ќе ве направи среќни само доколку е поголемо отколку што очекувавте. Оваа разлика помеѓу очекуваното и добиеното е „грешка при предвидување на наградата“ што одредува дали ќе бидеме среќни, а исто така игра клучна улога во процесот на учење. Тоа нè мотивира да ги повторуваме моделите што водат до неочекувани поткрепувања.
Постојат случаи, како што се летни одмори, кога намалувањето на очекувањата не може да биде лоша идеја. Особено ако сте донеле одлука за избор на дестинација каде ќе го поминете летото врз основа на препорака на пријател. Сите имаме искусено ситуација кога многу подобро сме поминале кога не очекувавме дека сè ќе биде совршено.
Средства наспроти целта
Друга лекција што научниците ја научиле од игрите за паметни телефони е дека чувството на среќа не трае долго. Овој феномен психолозите го нарекуваат „подвижна лента на уживање“.
Можеби мислите дека нешто не е во ред со вас ако не чувствувате трајна среќа поради унапредувањето, но временски ограничената радост е адаптација што му помага на вашиот мозок да се приспособи на новите околности, така што ќе бидете подготвени за следниот потег.
Во динамично и несигурно опкружување, како во игрите за паметни телефони, така и во реалниот живот, она што се случило пред неколку минути, честопати е ирелевантно за тековната задача. Минливата природа на
среќата значи дека можеби е подобро да размислуваме за среќата на поинаков начин. Среќата е средство, а не цел само по себе.
Може да ни помогне подобро да разбереме за што се грижиме, што цениме. Може да ни каже дали работите одат изненадувачки добро, што може да нè мотивира да продолжиме во клучните моменти. Кога нивото на среќа паѓа, тоа може да биде знак дека треба да пробаме нешто друго.
Извор:
Nationalgeographic.rs
Фото: Freepik