X
 06.07.2021 Наша тема

„По скалилата на успехот“ со Дамир Имери: Музиката ме избра мене

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Вели дека музиката го избрала него, а не тој неа. Тоа се случило кога во неговото училиште се барале доброволци за музичката секција и откако никој не се пријавил, наставничката го одбрала него, а тој прифатил. Станува збор за нашата жива музичка легенда Дамир Имери, кој има вмешано прсти во стотици значајни музички изданија што излегле во изминативе 30 години кај нас.

- Мојата учителка Ѓурѓица Угриновска на еден час праша дали некој би сакал да оди на музичка секција, да учи да свири на хармоника. Бидејќи немаше доброволци, учителката направи избор и, за среќа, јас бев меѓу избраните, а бидејќи бев послушен, прифатив и така почна мојата музичка историја. Значи „виновникот“ е учителката Ѓурѓица Угриновска, односно јас не ја избрав музиката, туку таа ме избра мене - вели Дамир.

Според информациите на страницата на „Музички регистар“, Дамир има свирено на 273 изданија, почнувајќи од 1986 година до денес. Покрај овој богат опус, тој и неговата сопруга Будимка се погрижија македонската музика да остане во сигурни раце, откако нивните синови Ади и Дино тргнаа по нивните стапки и веќе се етаблирани музичари.




Од самиот почеток е вљубен во народната музика

Дамир е роден во Задар, каде што поминал дел од детството, но набрзо со неговото семејство се преселил во Скопје. Тој не е пораснат во музичко семејство, но вели дека сите кај него дома биле музикални. Првпат слушнал музика на радио и на телевизија и првично се вљубил во народната и староградска песна.

- Моите две сестри имаат прекрасен глас и прекрасно пеат, а во Задар беше вистинско задоволство да се присуствува на нашите семејни прослави и седенки. Сите беа музикални, а далматинските песни звучеа навистина убаво. Радиото и телевизијата беа главниот извор на музика, а подоцна дојдоа грамофоните и магнетофоните. Бидејќи мојот прв инструмент беше хармониката, во потрага по знаење и дружење некако стигнав до КУД „Китка“, а подоцна и до мал „Танец“. Ја слушав и ја изучував народната, изворна музика, а се разбира и староградската музика. До ден-денес ги слушам со големо задоволство.

Почнал на хармоника

Првиот допир со хармониката Дамир го имал на десетгодишна возраст. Но, кога дошло време да се запише во средното музичко училиште, тој морал да се одлучи за друг инструмент, со оглед на тоа што хармониката не била дел од наставната програма. Изборот паднал на тромбонот и тоа по предлог на неговиот професор, така што овој дувачки инструмент останува професионална музичка окупација на Дамир до денес.




- Имав десет години кога почнав да свирам на хармониката на моето другарче Благојче, а подоцна и мене ми купија, па по цел ден бев со неа. Во Основното училиште „Братство и единство“ почнав да одам на часови кај наставникот Коста, а подоцна кај наставникот Благоја. Таму беа и моите први јавни настапи. На приемниот испит во средното музичко училиште нашиот еминентен композитор и педагог Благој Цанев ми постави едно тешко прашање: „Бидејќи немаме отсек хармоника, кој инструмент би сакал да го изучуваш?“ Професорот предложи тромбон и, се разбира, прифатив. Клавирот беше задолжителен, па така добив уште еден за мене многу важен инструмент кој најмногу ми помогна да навлезам длабоко во светот на музиката - додава Дамир.

Како тромбонист и пијанист - најбаран на снимањата и концертите

Откако се запишал во средното музичко училиште, иако конкуренцијата била голема, Дамир целосно ѝ се посветил на музиката, вежбајќи на инструментот многу часови на ден. Со еднакво внимание посветено и кон надградување на теоретското знаење, тој брзо станал еден од најбараните музичари за студиските снимања и концертите.

- Некогаш знаев да свирам на клавирот и до затворањето на училиштето во доцните часови. Многу често се собиравме по собите и си правевме свирки, па се заборававме по цел ден. Тромбонот го изучував кај мојот драг професор Ѓорѓи Стефановски, човекот од кој веројатно сум научил најмногу, а тој подоцна ми предаваше и на Факултетот за музичка уметност. Свирењето секогаш ми беше најважното нешто, но со текот на годините моите интереси се прошируваа. Имав можност да учам музичка теорија, хармонија и контрапункт и, се разбира, аранжирање. За другите предмети - едноставно бев мрзлив, а и немав многу време бидејќи паралелно бев ангажиран на безброј настапи, концерти од најразличен жанр и во студио, како студиски музичар. На овие настапи стекнав значајно музичко и животно искуство - кажува Дамир.

Во МРТВ учел од најдобрите, Шпато, Џамбазов, Пејовски...

Музичкото образование, според Дамир, е многу важно, но не и пресудно. Тој секако ќе бил музичар, а образованието само му отворило многу повеќе врати и можности за соработка. Првите дваесет години од работниот музички век Дамир ги поминал во Танцовиот оркестар на Македонското радио, а потоа се вработил во МОБ, каде што сè уште твори.
- Моето прво вработување беше во Танцовиот оркестар на Македонското радио, како прв тромбонист и солист, а подоцна и пијанист. Поминав прекрасни дваесетина години во студијата на МРТВ. Паралелно бев ангажиран и како студиски музичар, клавијатурист. За жал, музичката продукција помина многу кризни периоди и таа сè уште чека реформирање. Се надевам дека ќе дојдат подобри денови за најважниот сегмент од МРТВ, кој има неверојатно минато. Таму учев од Драган Ѓаконовски-Шпато, Александар Џамбазов, Илија Пејовски, Кире Костов и од многу други.
Кога Танцовиот оркестар престана да постои, преминав во Македонската опера и балет и таму сум, на мое големо задоволство, и денес.



Настапувал со Реј Чарлс, Душко Гојковиќ...

Славниот трубач Душко Гојковиќ, италијанскиот саксофонист Џани Басо, легендата Реј Чарлс се само дел од легендарните имиња со кои Дамир има настапувано. На таа листа може да ги додадеме речиси сите што нешто значат на македонската музичка сцена. Неговиот опус како композитор и аранжер е исто така многу богат. Од педагошки аспект, неговиот совет за помладите е оној по кој и самиот се водел низ кариерата.

- Навистина е многу тешко во ова време еден млад човек воопшто да се занимава со каква било музика. Сè потешко е да се задржи вниманието на публиката. Таа нема трпение и енергија за уметност, а за да се консумира музиката, треба време. Но, младите ја имаат привилегијата да се исполнети со енергија и жар, кои мора малку и да ги контролираат во фазата кога треба да се подготвуваат. Мислам дека љубопитноста и љубовта треба да се столбови на секое изучување. Ако бидете трпеливи и доволно вљубени во тоа што го правите, нема проблем. Според моето искуство, тоа е она што ми помага и денес - завршува Дамир.

фото: Маја Аргакиева

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема