X
 25.12.2020 Наша тема

„По скалилата на успехот“ со Билјана Црвенковска: Сега сум професионален пишувач, можеби единствен што живее од пишување

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Билјана С. Црвенковска е писателка, сценаристка и преведувачка, магистер по филозофски науки и име кое сè почесто го слушаме, особено кога станува збор за литературата за деца. Нејзиниот ракопис и потпис се среќава на повеќе романи и илустрирани романи за деца, меѓу кои: „Што сонуваше Дедо Мраз“, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, „ТКЦП: Канџа во мракот“, „ТКЦП: Замокот на илјада мачки“ и „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“. Автор е и на голем број сликовници и книги со активности, особено сликовниците од серијалот „Светот на Биби“: „Биби, Боби и куќичката од чоколадо“, „Биби и џиновите“, „Биби, Боби и змејот“, „Биби, Боби и чудовиштето од Охридското Езеро“, „Биби, Боби и непослушното јајце“..., „Книга на знаења“, „Моите омилени места“, „Светот на Биби од А до Ш“, „Скриената долина“. Брилијантна литература, модерните бајки ги зашеметуваат читателите, особено најмалите.
„Чудната шума“ е нејзина издавачка куќа каде што е акумулирана сета нејзина креативност и слобода.


Билјана со својот мачор Макс / Илустрациja: Катерина Николовска

Сакам да истражувам

По професија е професор по филозофија. Магистер е по филозофски науки, а нејзината магистерска теза е на тема семиотика на митот, тема која може да се „смести“ во повеќе области.

- Дури и мојот дипломски труд беше „интердисциплинарен“ – за семиотиката на тишината во драмите на Семјуел Бекет. Сакам да истражувам. Да поврзувам навидум неспоиви нешта. Па така, во животот работев во маркетинг-агенции (најмногу како копирајтер и стратешки планер), во маркетинг (повторно, маркетинг-стратегии), како новинар и уредник на магазини и портали и како уредник во издавачки куќи. Но, мојата работа, што и да работев, постојано подразбираше многу пишување. И еве, сега сум професионален пишувач, можеби единствен што живее од тоа. Иако сум и издавач и уредник, морам да кажам дека тоа сѐ уште е нешто што го доживувам како хоби, кога ќе најдам време меѓу хонорарните ангажмани како сценарист или воопшто пишувач - вели Црвенковска.

Фото: Кире Галевски

Прва серија - „Светот на Биби“

Нејзиното име често циркулира во етерот, токму од причина што насекаде ја има и е вклучена во повеќе проекти.

- Пишувам 24/7 (и ова е чиста вистина), разбирливо е и дека многу од тие проекти се видливи – некои од нив на телевизија или на „Јутјуб“, а други во книжарниците. Мојата прва серија за деца е „Светот на Биби“, се разбира, иако хронолошки пред неа почнав да работам на друга серија за деца, која излезе минатата пролет – „Зоки Поки“. И двете ми се еднакво драги, иако „Зоки Поки“ беше мојата прва авантура како сценарист и беше навистина еден прекрасен процес на работа и со косценаристот Сашо Кокаланов, но и со продуцентот Роберт Насков и режисерите Марија Апчевска, Ацо Поповски, Даријан Пејовски и Раша Петровиќ. Во меѓувреме почнав да работам и на серијата „Пет плус фамилија“, уште од минатата сезона, а новата сезона ќе можете да ја гледате наскоро. Сепак, најголем предизвик за мене како сценарист е серијата на која работам во моментов, „Кога паѓаш“ во соработка со ОХО продукција, која доби награда на Script Pool TV натпреварот како дел од Industry Tallinn & Baltic event во рамките на филмскиот фестивал Black Nights во Талин, кој е еден од најголемите филмски фестивали во Европа. И, секако, тука се и сите книги што ги пишувам, за деца, но и за возрасни - додава Црвенковска.


Фото: Кире Галевски

Македонската публика почна да ја препознава по „Светот на Биби“

На прашањето како изгледа „скалилото на успехот“, таа ни сподели дека сè почнало во осмо одделение кога ја напишала првата збирка поезија.

- Сѐ уште е некаде во мојата стара детска соба, во една тетратка. Професионално, првата книга за деца што ја напишав беше романот „Што сонуваше Дедо Мраз“, кој пак произлезе од еден стар драмски текст за деца – „Соништата на Дедо Мраз“. Сметам дека првиот поголем успех како автор за деца беше „излегувањето“ надвор од Македонија, со преводот на романот „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ на српски јазик, во издание на „Лагуна“, под наслов „Шест чаробних колачића“. Сепак, верувам дека со првите цртани филмови и книги од „Светот на Биби“ македонската читателска публика (под ова мислам на децата и родителите) најмногу се запозна со она што го работам. Додека за моите први потфати како сценарист, мислам дека најмногу им должам на Вардан Тозија, кој прв ме препорача како сценарист за серијата „Зоки Поки“, и на Сашо Кокаланов, со кој имам одлична соработка на повеќе проекти - раскажува Црвенковска.


Фото: Кире Галевски

Работам сама за себе

Она што го смета за најважно во нејзината кариера е дека никогаш не пораснала.

- Во мене постојано тлее оној детски ентузијазам и онаа несопирлива потреба за постојано истражување и откривање нови нешта. Желбата да се патува со умот во сите можни универзуми. Поставувањето сѐ повисоки цели и барањето нови и нови предизвици. Полна сум со креативна енергија и таа никогаш не пресушува, напротив, колку повеќе ангажмани имам, толку сум покреативна и од мене извираат нови и нови идеи. Сепак, сметам дека најхрабриот чекор што го презедов во животот, чекор за кој повторно треба една детска храброст да се нурне во темните води без да се знае што те чека на дното, е што решив да работам сама за себе и да бидам слободен човек. Работењето во фирми за други луѓе со работно време и канцеларија, и пауза, и отчукување, и состаноци кои траат, и кафиња, и седење пред компјутер, и празни муабети кога не знаеш што со себе затворен во таа иста канцеларија – за среќа, за мене е минато. Таквиот чекор бара целосна свесност со што се соочуваш, подготвеност за сите паѓања, финансиски нестабилности, ризици и што сѐ не, но, од друга страна, носи огромно ослободување и те прави среќна личност. Слободата нема цена и не може да се замени со ништо на светов - потенцира писателката.

Илустрациja: Катерина Николовска

Следно на што ќе ја вложи својата енергија и еластичност во пишувањето се нови книги и нова сезона од „Светот на Биби“, меѓу кои и книгата на која е особено горда и која сѐ уште се работи, а тоа е „Букварот на Биби“.

Следна цел сценарио за филм

- Имаме и нова сезона од „Пет плус фамилија“, излезе мојата најнова сликовница „Кучето што мјаукаше и мачето што џавкаше“ во соработка со илустраторката Сања Симоска и во издание на мојата мала издавачка куќа „Чудна шума“. Во последниве денови од годинава во печат влегува и мојот втор роман за возрасни – „Куќа над брановите“, а воедно заедно со уште осум мали издавачи го организираме Малиот новогодишен саем на книги, кој ќе се одржува на отворено, во Градски парк, од 24 до 27 декември. Сѐ на сѐ, еден убав крај на годината, и покрај сите темнини околу нас - вели Црвенковска.


Фото: Кире Галевски

Мотив и инспирација за она што го работи наоѓа насекаде околу себе.

- Голема поддршка имам од мојот партнер Кире, од мајка ми Калиопа, од многу мои роднини и пријатели. Мојот мачор Макс ми е најголема инспирација додека пишувам. Без шумите на Водно и Охридското Езеро, без убавините на природата и планините во Македонија, без патувањата и приказните кои се насекаде околу нас, без моите родители, баби и дедовци кои се погрижија да растам со многу книги, да читам и да размислувам критички - ништо од ова веројатно немаше да го има - ни споделува Билјана.

За најголем успех ја смета наградата на фестивалот во Талин, за серијата „Кога паѓаш“.
А следно кон што се стреми е да види своја серија на „Нетфликс“.


Фото: Кире Галевски

- Сакам да напишам сценарио за игран филм и да го видам тој филм снимен. Сакам да напишам уште неколку добри романи. Доволно е, нели - додава писателката и сценаристка Билјана Црвенковска.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема