X
 29.07.2021 Наша тема

„По скалилата на успехот“ со проф. д-р Ана Павловска-Данева: Зборовите на баба ми дека кога ќе пораснам, ќе бидам адвокатка, предодредија да го изберам правото

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Особено влијание врз мене имаше мојата баба, која беше исклучителна жена, живееше со нас во заедница и нè чуваше мене и брат ми. Мислам дека нејзините зборови: „Ти кога ќе пораснеш, ќе бидеш адвокатка“, како и љубовта со која зборуваше за мојот дедо, кој бил правник, во голема мера го предодредија мојот избор на студии - вели проф. д-р Ана Павловска-Данева за нејзиното кокетирање со правната наука уште од рана возраст и растот во кариерата до високата образовна титула редовен професор.

Проф. д-р Ана Павловска-Данева е редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Носител е на наставата на предметите од областа на административното право и јавната администрација на сите три циклуси на студии на Правниот факултет.
Неодамна во анкетата на Факултети.мк студентите ја избраа како еден од најинспиративните професори.

Родена е и израсната во Скопје, но со прошетани, преживеани и искусени многу други различни средини. Професорката Павловска-Данева секогаш гледала престојот надвор од Скопје да биде со одредена временска рамка, со цел да може повторно да се врати во нејзиниот роден град.

- Во Скопје сум и родена и израсната. Четиригодишен период од моето детство и најрана младост поминав во Москва, Русија, а подоцна како млад научник, една година престојував во Флорида, САД, и краток период работев и престојував во седиштето на Обединетите нации во Виена, Австрија. Останатиот дел од животот го поминав во Скопје, а ми се чини дека и во иднина, ако се појави можност да живеам во друга држава, тоа повторно ќе биде со утврдена временска рамка, по што повторно ќе се вратам во Скопје, без кое не можам, колку и да ми се чини тесно понекогаш - вели Павловска-Данева.



Љубопитно и амбициозно дете што пробувало сè, па дури и да пее во хор

Љубопитна и амбициозна уште како дете, Павловска-Данева сакала да ги проба сите активности што ѝ го правеле животот динамичен. Спортувала, читала, се рекреирала, па дури имала амбиции да се проба како пејачка во училишниот хор, но според неа, гласовните можности не ѝ дозволиле да успее на тоа поле.

- Сакав да учам и да читам, па често одев во омилената маалска библиотека во Карпош и седев со часови меѓу книгите. Но, исто така, играв ракомет за училишниот тим, бев член на детски скијачки клуб од Попова Шапка, а извесен период тренирав и карате. Ги завршив сите курсеви по англиски јазик во Центарот за странски јазици во Карпош, одев со другарките на аеробик и атлетика во „Партизан“, многу возев велосипед, задолжително зимските викенди ги поминував на лизгалиштето на Кале, а летните на базенот во Карпош. Мислам дека во школо ги посетував сите можни т.н. секции, ќе пеев и во училишниот хор доколку имав гласовни можности, но ете, на тоа поле го доживеав мојот единствен неуспех. Сега се смеам и го кажувам како анегдота, но тогаш тоа ми беше прилично трауматично искуство.



Мотив ѝ биле високите интелектуални стандарди поставени од нејзиното семејство

Израсната во семејство на интелектуалци, Павловска-Данева како помала секогаш се борела да ги достигне високите очекувања и стандарди поставени од нејзините најблиски. Нејзиниот, девет години постар, брат бил беспрекорен ученик, а Ана како негов следбеник во истото училиште, „Вера Циривири-Трена“ во Скопје, го сфатила тоа како мотив плус. Таа почнала да пишува и поезија, но кога татко ви е писателот, поет, новинар и публицист Јован Павловски, очекувањата растат.

- Брат ми имаше поставено толку висок стандард, што долго време моја главна цел беше да го достигнам. Кога се запишав во прво одделение, се погодив кај истата учителка, а потоа и кај класната раководителка кај кои тој учел. Ужасно тешко беше да ги повторам неговите резултати и тоа мислам дека ми претставуваше дополнителен стимул во учењето. Сакав да пишувам и пишував поезија, од најмала возраст. Од друга страна, татко ми тогаш беше на врвот од својата поетска и писателска кариера и никогаш не се охрабрив да му ги прочитам моите дела, имав трема веројатно од тоа каква ќе биде неговата критика. По докторирањето, долг временски период бев колумнист за „Утрински весник“ и бев горда што тој со задоволство и многу пофалби ги чита моите колумни. Од мајка ми (најдобриот лектор по македонски јазик во светот) научив правилно да се изразувам, точно да го изговарам македонскиот литературен јазик, да пишувам без позначајни лекторски грешки, а тоа многу ми помогна во пишувањето и објавувањето научни трудови. Никој од нив ми нема вршено никаков притисок при изборот на студии или професија, ниту пак во учењето.



„Ломоносов“ го оставила за УКИМ во Скопје

Ана се одлучила за правото бидејќи сакала да учествува во дебати и да ги аргументира своите ставови, а темите што ја интригирале најчесто биле поврзани со одбрана на некое човеково право или со дефинирање на границите на неговото ограничување. Интимно, таа сакала и да го продолжи патот на нејзиниот дедо, кој, за жал, никогаш го немала запознаено бидејќи трагично загинал многу млад во Втората светска војна.

- Моите говорни вештини најверојатно придонесоа брзо и едноставно да одлучам дека ќе студирам право, во тоа време верувајќи дека ќе бидам адвокатка. Средното училиште во Москва траеше пократко отколку кај нас, а дополнително на тоа, јас завршив две години во една. Така, на многу рана возраст се запишав на Правниот факултет при Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ и таму ја завршив првата година од студиите. Студирањето на таков универзитет од светски ранг, за мене претставува неверојатно искуство. За жал, по завршувањето на првата година, сфатив дека поради разликите во правните системи на државите, со дипломата од „Ломоносов“, колку и да е значајна, никогаш нема да може да се занимавам со право во својата земја. Затоа студиите ги продолжив и ги завршив на Правниот факултет при УКИМ во Скопје.

- За правилниот избор на студии, никогаш немав дилема. Немам паднато на ниту еден испит, никакви тешкотии немав во текот на студиите. Немам пропуштено предавање, но таквиот студентски живот доведе до тоа да стекнам огромен број пријатели од студии, со колегите поминувавме цели денови во амфитеатрите, на скалите и во бифето на факултетот, многу учевме, но и многу се забавуваме. Неретко, по предавања или вежби, доцна во денот, продолжувавме да се дружиме во актуелните локали низ центарот на Скопје.



Сакала да стане адвокатка, но повеќе се пронашла во правната теорија

Иако првичната цел ѝ била да стане адвокатка, Ана низ студиите сфатила дека теоријата е тоа што повеќе ја влече. Благодарение на одличната процена на професорот Борче Давитковски, Ана го почнала долгото и успешно патешествие кон здобивањето со титулата професор.

- Се запишав на Правниот факултет сакајќи да бидам адвокатка. Родителите дури ми купија дуќан во Скопје, мислам за моето дипломирање, наменет за адвокатска канцеларија. Веќе во трета година сфатив дека ме интересира првенствено теоријата. Бидејќи го завршив факултетот многу млада, немав дилема дали да продолжам на постдипломски студии. Се запишав на студиите по граѓанско право сакајќи да ја изучувам граѓанско-правната наука, да волонтирам во адвокатска канцеларија, па да полагам правосуден испит и да бидам адвокатка специјализирана за граѓанско-правни односи.

- Активна бев на сите предавања кај професорите кои дозволуваа активност на часови. Така најверојатно ме забележал и проф. Давитковски, кој на самиот почеток од моите постдипломски студии ме сретна во ходник на факултетот и ми понуди да почнам да работам како демонстратор на Катедрата по управно право и јавна управа (сега административно право и јавна администрација). Бев во голема дилема бидејќи во тоа време ме интересираше исклучиво граѓанското право и требаше да ја сменам насоката на која веќе имав положено еден испит. Сепак, одлучив да го послушам и не згрешив, се префрлив на студиите по правно-политички науки.

- Бескрајно сум му благодарна на проф. Давитковски за тоа, и нему и на другите професори од катедрата кои ме примија: проф. Симеон Гелевски и проф. Наум Гризо. Иако сите тројца беа звучни, големи имиња во правната наука, а јас само нивна постдипломка, од првиот момент ме прифатија како своја соработничка и без задршка го споделуваа своето знаење со мене. Од сите тројца многу учев, поради нив прво ја разбрав, а потоа и ја засакав административно-правната наука. Денес сум убедена дека нема поактуелна и позначајна правна дисциплина од административното право.

По магистратурата ѝ се родил Никола, а по докторирањето и Виктор

Паралелно со градењето на академскиот статус, Ана го збогатувала и семејството. Првин како магистранд со сопругот Дарко, кој исто така е универзитетски професор, го добиле синот Никола, а потоа, по успешното докторирање, им се родил и Виктор.

- Студиите ги завршив за четири години. Потоа се запишав на постдипломски, кога Наставно-научниот совет на факултетот ме избра за демонстратор на група предмети од областа на управното право и јавната управа. Имав 22 години и им држев вежби и спроведував испити со студенти од втора и четврта година, кои беа постари од мене, па се случуваа најразлични ситуации во кои беше потребна голема умешност за да се постигне и задржи посакуваниот авторитет.

- Во тој период го формирав моето семејство. Се омажив по положувањето на сите испити од постдипломските студии, а го родив Никола, мојот прв син, две години подоцна, откако магистрирав. Помалиот син Виктор го родив по докторирањето.

10 години ѝ биле потребни за да стане доцент

За да се стекне со професорското звање доцент, на Ана ѝ биле потребни десет години, откако првично станала демонстратор. Амбициите и напредувањето во кариерата никогаш не ги двоела од приватниот живот, а со нејзиниот сопруг одлично се надополниле во тој сегмент, двајцата свесни за потребите на своите професии, притоа одлично балансирајќи го тоа со семејниот живот.

- Јас, како и повеќето вработени на Правниот факултет, ги имам изодено сите скалила на напредување: демонстратор, помлад асистент, асистент, доцент, вонреден професор и редовен професор. За да се здобијам со првото професорско звање доцент, ми беа потребни десет години откако станав демонстратор. Мислам дека со помалку од десет години искуство на факултет, во кое се опфатени постдипломските студии, асистентската и научноистражувачката работа, невозможно е да се стане професор.



- Се разбира, потребни се многу жртви, непроспиени ноќи, лишувања од одредени задоволства, но зарем тоа не е исто и ако семејството се случи десет години подоцна? Професионалната кариера и амбиција не траат само до формирањето на семејство, тие не запираат, продолжуваат и откако ќе се оформи семејство. Во еден период двете работи ќе мора да се тераат заедно, и кариера и одгледување деца, сеедно дали тоа ќе биде на почетокот на работниот век или подоцна.

- Најважно од сè е да се има разбирање со партнерот и да се направи добра организација на времето. Кога мојот сопруг требаше да се остручува и надградува во Шведска, тој замина, а јас му се посветив на двомесечниот Никола. Кога јас добив шанса да работам на Државниот универзитет во Флорида, тој и Никола дојдоа со мене и ми беа поддршка. Во еден период едниот од нас се посветува повеќе на работата и развојот на кариерата, а другиот на семејството и децата.

Од студентите бара да градат и да ги изразуваат сопствените ставови

- Не можам да ги скријам чувствата кога по испит, по дипломирање или по магистрирање доаѓаат да ми се заблагодарат и да ми кажат дека сум им била пример во животот или дека посакуваат да станат правници како мене, дека ме сметаат за успешна и сакаат да им споделам понекој совет - вели професорката Павловска-Данева.

Од нејзините студенти бара нешто повеќе од тоа што е во книгите. Бара да гледаат/читаат вести, да се следат домашните и меѓународните политички процеси, да се посетуваат културни настани, да се градат и изразуваат сопствени ставови, да се искажува јавна критика за значајни општествени случувања. Само една таква сестрана личност ќе биде добар правник и професионалец.

Фото: Приватна архива на Ана Павловска-Данева
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема